МРЧЕЊЕ ПОД ВИНОЖИТО

Најопасни се оние што што викаат „Мене никој не ми пречи, ама...“. Оти баш во тоа „ама“, лежи тој страв од различности. И баш тоа „ама“ ја храни омразата.

МРЧЕЊЕ ПОД ВИНОЖИТО

1 Лично познавам некои луѓе, кои си ги презапишуваа децата во други училишта или фаќаа врски да ги префрлат во други одделенија затоа што во класот имало деца со посебни потреби. Истите тие, што не сакаа да им се вознемируваат децата оти требало да се соочат со некој што е поразличен од нив, ставаат профилни слики на Фејсбук со виножито, оти многу се слободоумни и толерантни.

Фала му многу на Марк Закерберг што го измисли Фејсбук, па можеме да видиме со кого си имаме работа. Не помина ни половина ден откако министерот за здравство Венко Филипче најави можност операциите за промена на полот на трансродови лица да се прават на сметка на Фондот за здравство, па толерантните си ја покажаа вистинската боја, без разлика на виножитото од профилните слики.

А што страшно најави министерот? Нешто што е сосема во согласност со политиките на Владата на Заев против дискриминација врз било каква основа. Вклучувајќи и дискриминација врз основа на пол, род и сексуална определба. Таков закон изгласа Собранието. И шуќур – цел прогресивен свет го поздрави. И второ, министерот најави нешто што не е во спротивност со социјалдемократските политики на Владата. А тоа е – што повеќе услуги во јавното здравство да бидат на товар на државниот буџет за кој сите одвојуваме пари.

Башка муабет е што сите станаа стручњаци за медицински прашања. Пострашно е што си земаа за право да пресудуваат чија човечка трагедија е поголема. А најстрашно е што тие, од позиција на „нормални“ за неколку часа на Фејсбук пресудија кои се „ненормални“. Синким, некој ќе се подвргне на таква тешка операција и сложена повеќегодишна процедура на промена на пол само затоа што операцијата е беспари. Од бес. Да им ги земе парите на „нормалните“. Оти „ненормалните“ плаќаат данок на Марс.

2 Тоа арбитрирање за правото на пристап до заедничките пари е само маска зад која се крие омразата кон различноста. Денеска ќе ги мразиме трансродовите, како што вчера ги мразевме кој шиптарите, кој каурите, а сите – Циганите, како што ги мразиме мигрантите, Сиријците, црнците и Арапите, како што утре ќе ги мразиме слепите, луѓето со Даунов синдром, со аутизам, со ментални тегоби, со попреченост, а задутре ќе ги мразиме Норвежаните, високите, ниските, дебелите, слабите, ќелавите, тие што носат капа, тие што не носат капа, тие со сини очи, тие со зелени очи, тие што многу пијат и тие што не пијат, тие со брада и тие без брада… Еххее… Списокот на различности е голем.

И баш фино што Филипче ја отвори темата. Ама, ич не е фино што веднаш ја затвори со оправдание дека го слуша Фејсбук и дека тоа е демократија. Па демократија е и кога сите станаа специјалисти за музика во медицината, па пишуваа на Фејсбук дека наместо Тамара да оди на Евровизија треба да се купат амбулантни коли. Под притисок на фејсбук демократијата, и на играчите на приватниот клуб „Вардар“ владата им исплати државни пари оти газдата не им плаќал плата девет месеци. Среќа што под притисок на фејсбук демократијата не го прекина задолжителното вакцинирање среде епидемија од мали сипаници.

Ама ај, ако ништо друго, барем уште еднаш да се соочиме со реалноста. Оти, кога дебатираш со некој конзервативец  кој не си ги крие ставовите, како што е Влатко Ѓорчев на пример, барем знаеш на што си. Најопасни се оние што што викаат „Мене никој не ми пречи, ама…“. Оти баш во тоа „ама“, лежи тој страв од различности. И баш тоа „ама“ ја храни омразата.

3 Јуни е месец кога се гледа дека и без половина државна администрација животот си тече нормално. Секоја година ова време, вработените на државна плата си ги доискористуваат  деновите од годишниот одмор. Магично е тоа како секогаш кога ти требаат се на одмор и пак до 30 јуни имаат неискористени денови од ланскиот одмор.

Нема гужви по улиците, нема проблем со паркирање, нема турканици во јавниот превоз… Не се забележува дека институциите не работат. Или работат со истата ефикасност како и кога администрацијата не е на одмор.

За среќа, метлата на Заев не го зафати министерот Дамјан Манчевски. Да го сменеше, ќе немаше кој барем два пати годишно да ги моли тие што примаат државна плата, а не доаѓаат на работа, да прифатат некое работно место. Оти, ако Садула Дураки го паметиме дека „иако не сака да се фали неговотото министерување ќе остави траен белег во зачувувањето на животната средина“, Манчевски ќе го паметиме како министер кој ги моли вработените да доаѓаат на работа. Уште малку ќе направат и 15 години како не доаѓаат на работа, а имаат стаж, па ќе остварат и право на пензија.

Продолжете само вака со реформа на јавната администрација. Немојте никого да бркате, сите ќе ги храниме. И вашите и вмровците. Немојте со реваншизам. Ќе видите како ВМРО-ДПМНЕ ќе ви се реваншира некој пат кога ќе дојде на власт.

4 Не се сомневам дека премиерот Зоран Заев е свесен што товар презеде сега, со реконструкцијата на Владата со која Министерството за финансии остана без министер. Уште му тежи товарот од промената на името и од несигурниот датум за почеток на преговори за влез во ЕУ.

Исток го отпиша, Запад уште не го запишува, а отсега натаму, Заев ќе биде виновен и не само ако не рипнат платите, како што најави, туку и за секој заминат лекар и недостиг на лекови, за дивоградбите поради кои УНЕСКО ќе го стави Охрид на листата на загрозено наследство, за селективните казни на полицијата, за мрзливите градоначалници, за загаденоста на воздухот, за дивите депонии, за квалитетот на водата во Дојран, за бучните дискотеки, за трките со мотори по скопските булевари, за скапаните праски во Росоман и за необраните јаболка во Преспа, за доцнење плати на воспитувачки во градинки… Па дури и за директорот на МКЦ.

Така што, отсега ќе има многу мрчења. И нормално е да има. Ама, нели е јунак. Нека издржи. Нека не мрчи. Нели за тоа се боревме, секој слободно да си критикува, а премиерот да не ги омаловажува критичарите.

Па и Груевски  прво почна да мрчи за секое различно мислење од неговото. А после почна да сече и глави за тоа. Па ене го сега, азилант со лисици во Будимпешта.

Нели тоа зло не треба да се повтори?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира