Премиерот Зоран Заев за денеска е викнат да сведочи од кого и како ги примал снимките од илјадниците незаконски прислушувани разговори во УБК во времето кога директор беше Сашо Мијалков. Ќе зборува за периодот кога СДСМ беше во опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ на власт, за прием на „бомби“ во период од повеќе години.
Заев, во изјава за медиуми на 11 октомври, вината за прислушувањето директно ја насочи и кон избеганиот експремиер Никола Груевски, откако тоа го стори неговиот советник ексразузнавачот Зоран Верушевски во сведочењето во судница на 10 октомври, како сведок на обвинителите Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска. Заев тогаш кажа и дека сведочењето на Верушевски не го иззема од одговорност Мијалков.
- ВЕРУШЕВСКИ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ГИ ОБВИНИ НИКОЛА ГРУЕВСКИ И ГОРАН ГРУЈЕВСКИ, А ГО ОСЛОБОДИ МИЈАЛКОВ
- НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЈА ИМА БАЗИЧНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЈА ДЕЛИ СО СТРАНСКИТЕ СЛУЖБИ, БОМБИТЕ НА СЈО СЕ МИНОРНИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“
- ГРУЕВСКИ Е НАРАЧАТЕЛОТ НА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, НО ШЕФ НА УБК БИЛ МИЈАЛКОВ И ОД ТОА НЕМА БЕГАЊЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА СВЕДОЧЕЊЕТО НА ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“
„Фактите како и да бидат кажани, не ја менуваат нивната суштина и вистинитост. Токму во времето на Груевски се случуваше ваквата узурпација на човековите права, преку прислушувањето на над 20.000 граѓани. Но, факт е дека шеф на Државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и од тоа нема бегање. Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која ја испрати Верушевски во судскиот процес“, објаснуваше Заев што сакал да каже во судница Верушевски, кој во сведочењето не го посочи Мијалков во операцијата на масовно прислушување, туку одговорноста ја префрли кај експремиерот Груевски.
На последното рочиште на 10 октомври за „Тврдина-Таргет“ Верушевски рече дека првообвинет не треба да биде Сашо Мијалков, туку Никола Груевски. За Мијалков дури кажа и дека е погрешно обвинет. Верушевски тогаш кога влезе во Основниот суд Скопје 1, се поздрави со обвинетиот Мијалков. Потоа во сведочењето, воопшто непрашан од никого, се насмевна и кажа: „Со некои од овде присутните, си простивме“.
Потоа за Мијалков тој кажа:
„Погрешен човек е првообвинет. Голем дел од обвинетите тука во судницата ја плаќаат цената на патолошката опседнатост на Никола Груевски да остане на власт“.
Како дел од главните виновници Верушевски ги посочи и избеганите разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски. Тој додаде дека не е чудно што само овие тројца избегале, рече дека ова е силниот нивен мотив за нивните бегства во Грција.
На моменти, сведочењето на Верушевски наликуваше на сведочење за судски процес против Никола Груевски. Никој не поставуваше прашања за Груевски, а Верушевски беше оставен да си зборува на темата. Не го прекинуваа ниту обвинителите, ниту адвокатите, ниту судиите. За обвинителите ова обвинение има цврсти материјални докази кои уште не се дојдени на ред за изведување и секој може да си збори што сака.
Откако Верушевски кажа кој според него е прво, второ и третообвинетиот во „Тврдина-Таргет“, додаде дека тројцата имаат арсенал прислушувани разговори кај себе и оти со тие разговори тргуваат. Рече дека тие податоци се многу интересни за разузнавачките служби на Унгарија и Грција, чии власти не случајно ги прибрале, а потоа и со одлука на највисоките судови им дадоа документи за статус и за престој на тројцата.
Но Верушевски докрај не одговори директно и попрецизно зошто тврди дека прислушуваните разговори кои тајно се изнесувале од МВР и се носеле во СДСМ, биле „во голема мера модифицирани и компромитирани“.
Се очекува одговор на овие прашања, ако знае, денеска да даде сведокот Заев.
Покрај Мијалков, за масовното нелегално прислушување и кршење на човековите права обвинети се и Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Горан Грујевски, Никола Бошкоски и вработени во УБК.
С. К. ДЕЛЕВСКА