АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА МИЦКОСКИ Е КРИВ ЗА КОЛАПСОТ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, НА ПРИВАТНИЦИТЕ ИМ РЕЧЕ ДА ГО ТУЖАТ ГРАДОТ ЗА ДОЛГОТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА МИЦКОСКИ Е КРИВ ЗА КОЛАПСОТ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, НА ПРИВАТНИЦИТЕ ИМ РЕЧЕ ДА ГО ТУЖАТ ГРАДОТ ЗА ДОЛГОТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРАНиту Арсовска ниту директорот на ЈСП Стојковски на седницата на градскиот Совет не одговорија како и кога ќе се надмине проблемот. (Фото: К. Попов)

    За градоначалничката Данела Арсовска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е виновен за колапсот на јавниот превоз во Скопје. На денешната седница за советнички прашања, советниците од сите политички партии бараа одговори од Арсовска и директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски зошто не се плаќа долгот на приватниците, поради што тие престанаа да возат и нема доволно автобуси на улиците, па со саати се чекаат возила на постојките.

    Возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“  утрово ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје и најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови на повеќе крстосници, се` додека не се седне на маса и не се реши проблемот кој го предизвика Арсовска. Сопствениците на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ присуствуваат на седницата на градскот Совет.

    Ниту Арсовска ниту Стојковски не одговорија како и кога ќе се надмине проблемот, туку им порачаа на приватниците да го тужат Градот и ЈСП и така да си го наплатат долгот. Не појаснија ниту како утврдиле дека се издавале билети кои приватниците ги продавале и парите си ги ставале во џеб, како што претходно обвини Арсовска.

    „Ако велите дека имало такви злоупотреби, кажете колку билети се издадени од јавното претпријатие и за нив не се платени пари. Тие билети некој мора да ги издаде, не може приватниците да ги добијат од мене или некој советник. Покажете колку такви карти се издале ако е точно тоа ваше тврдење, бидејќи приватните превозници велат дека такви карти не земале од ЈСП“, рече Гордан Шутаров, советник од СДСМ.

    Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски ги праша Арсовска и Стојковски зошто досега не е подмирен долгот и кога ќе се подмири, затоа што додека тоа не се случи јавниот превоз во Скопје ќе биде во колапс.

    „Сте виделе ли дека луѓе со саати чекаат на станиците, сте виделе ли дека автобусите се преполни. Граѓаните доцнат на работа и мрзнат по постојките. Не можете да викате нека не`  тужат, па ако го тужат Градот после ќе треба да се плаќаат пенали и судски трошоци и пак ќе нема ЈСП пари, па ќе барате од нас да гласаме да им се дадат субвенции“, рече Андоновски.

    Арсовска рече дека ЈСП го надополнува надостатокот на автобуси и дека некој сака да направи хаос во јавниот превоз.

    „Вие имате повеќе информации за случувањата во ЈСП од мене и тоа кажува дека ова ви е организирано политички. Престанете со центарот на Мицкоски да правите проблеми во јавниот превоз. Некој намерно го опструира јавниот превоз. Ќе си има нов јавен повик за приватни превозници и секој кој ги исполнува условите може да конкурира. И Општина Бутел има долг кон нас, па ние и понатаму возиме за нив, а долгот ќе си го добиеме преку тужба. Така нека направат и приватниците, јас досега тужба од нив немам добиено“, рече Арсовска.

    Директорот на ЈСП Стојковски кажа дека сега во функција се 270 автобуси наместо 140 како што затекнале, и дека во наредниот период ќе биле оспособени уште 20 и нема да има проблем во превозот. Не одговори колку карти се издадени на превозниците, туку читаше што предвидува договорот со нив.

    Советниците реагираа дека не им се одговара на прашањата, а тоа ги засега граѓаните кои се оставени без превоз. Советникот од ЛДП Никола Пановски револтиран од ваквиот однос на Арсовска ја напушти седницата.

    „Десет месеци го трпам ова ваше однесување односно неодговарање на прашања. Немате култура на одговарања прашање, ниту едно прашање не сте одговориле досега од почетокот на мандатот. Јас ќе ја напуштам седницата, а службите нека ми го земат слободно паушлот што ми следува од оваа седница“, ѝ рече Пановски на Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира