Вработен во ЈП „Водовод и канализација“ е казнет од в. д. директорот на претпријатието Драган Илиевски, затоа што одел во друга канцеларија и од таму работел на реализацијата на проектот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Станува збор за капиталниот проект за Град Скопје вреден 200 милиони евра, кој градоначалничката Данела Арсовска и директорот Илиевски го кочат и не го спроведуваат со потребната динамика.
Како што велат извори од претпријатието за САКАМДАКАЖАМ.МК откако пред пола година беше сменета раководителката на проектната единица за пречистителната станица Линдита Шаќири, сега раководството на претпријатието удира по најпосветениот работник и експерт од областа на отпадни води, кој е максимално посветен за успешна реализација на проектот.
Илиевски го казнил вработениот со 20 отсто од плата во наредните три месеци затоа што не работел само во својата канцеларија туку и во канцеларијата на неговиот шеф. Директорот во образложението за казната навел дека „во работно време не е дозволено да се шета од канцеларија во канцеларија, од пулт до пулт“.
Вработениот за ова однесување на Илиевски поднел приговор до Управниот одбор на претпријатието, која и се разгледуваше на седницата во вторникот што се одржуваше во ходник оти директорот им ги заклучи канцелариите. Членовите го усвоија приговорот и заклучија дека казната е неоснована.
Во приговорот вработениот навел дека неговото напуштање на работнотно место не било непотребно како што е навед Илиевски, туку по потреба и со претходна инструкција и согласност од раководителот.
- ДАНЕЛА ЦЕЛ МЕСЕЦ КРИЕЛА ОД ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ И ЕУ ДЕКА ЈА РАЗРЕШИЛА РАКОВОДИТЕЛКАТА НА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА, А НЕ ЗНАЕЛА НИТУ РАЗРЕШЕНАТА
- ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ НЕ МУ ГО ДАВА НА УПРАВНИОТ ОДБОР ДОГОВОРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА
„Мојата работна позиција е неофицијален член на проектната единица за имплементација на проектот пречистителна станица за отпадни води од јули 2019 година. Повеќе од 4 години работам на проектот и сум запознаен со сите аспекти на работата. Од 05.09.2023 сум и официјален член на проектната единица, а со моментално раководител Жарко Ивановиќ имаме одлична соработка. Природата на нашата работа, која преставува проектен менаџмент на имплементација на инфраструктурни проекти, изискува интензивна комуникација и дискусија, аналитички пристап кон решавање на предизвици и задачи, брејнсторминг. Поради тоа, мојот престој во неговата канцеларија е зголемен и непходен. Важно е да се напомене дека секогаш кога сум престојувал во неговата канцеларија, сум бил повикан од него. Исто така, имам неформално одобрение од негова страна за престој во неговата канцеларија и во негово отсуство бидејќи дел од докуметите за проектот се наоѓаат таму. Поради таа причина, одредени работни сесии и состаноци ги оджуваме во неговата канцеларија. Затоа сметам дека одлуката на в. д. директорот ЈП ‘Водовод и канализација – Скопје’ е целосно неоснована и не сум направил никаква повреда на правилата за работа и дисциплина“, се вели во приговорот до Управниот одбор.
Приговор за казната до директорот Илиевски поднел и раководителот на проектната единици Жарко Ивановиќ. Во приговорот, Ивановиќ му објаснува на директорот Илиевски дека казната е непотребна и неоснована, бидејќи вработениот доаѓа во неговата канцеларија оти тоа е неопходно за проектот и дека тој посветено работи Скопје да добие станица за прочистување на отпадни води. Но, Илиевски не го земал предвид ова укажување.
Со доаѓањето на функција на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, проектот за пречистителна станица постојано се кочи и блокира. Дури и експертите од европските банки им замерија на Арсовска и Илиевски дека не се ангажираат за да се реализира овој капитален проект за Скопје оти претставниците од Градот не се појавуваат на состаноците. Таа најпрво го разреши од функција директорот на „Водовод“ Златко Перински, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека го фатила со „рачето во мед“ и тврдеше дека спречила криминал, иако европските партнери во проектот кажуваа дека нема никакви сомнежи во постапката. Потоа, со месеци не сакаше да го направи изборот на фирмата за надзор и фирмата изведувач, иако бодувањата беа направени и тие автоматски го покажуваат победникот на тендерот. Откако се склучи договорот со германско-македонскиот конзорциум ВТЕ Васертехник“ и „Жикол“, ниту беше одржана прес-конференција ниту негде беше соопштена одлуката и договорот.
Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.
А. АНТЕВСКА