ЈСП „Скопје“ и Град Скопје немаат пари да го плаќаат кредитот за автобусите на МАН кои беа набавени во 2020, во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. За набавката на автобусите беше потпишан договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за кредит од 10 милиони евра. Договорот за кредитно задолжување беше потпишан во 2019, според кој кредитот треба да го плаќа јавното сообраќајно претпријатие, со Град Скопје како главен гарант и Министерството за финансии како секундарен гарант.
Годишната рата за 33-те автобуси на гас е околу еден милион евра, но годинава ниту ЈСП „Скопје“ ни Град Скопје немаат пари да ја платата ратата, па сега Европската банка бара државата да го подмири долгот.
Од Министерството за финансии потврдуваат дека стигнало барање од ЕБОР за наплата на кредитот.
„Со договор за обезбедување гаранција склучен меѓу ЈСП како главен должник, Градот Скопје како примарен гарант и Министерство за финансии како секундарен гарант, се регулира начинот на плаќање на гарантираните обврски и инструментите за обезбедување на побарувањата по основ на платени гаранции. Доколку ЈСП како главен должник и Градот Скопје како примарен гарант не ги отплатат доспеаните обврски, тогаш согласно Законот за гаранција и Договорот за обезбедување гаранција, Министерството за финансии пристапува кон плаќање на обврската. Барањето за плаќање на доспеаните обврски до Министерството за финансии е доставено од страна на ЕБОР“, велат од Министерството за финансии.
- СОВЕТНИЦИТЕ НА ВТОРАТА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА УСВОИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА ЈСП „СКОПЈЕ“, АВТОБУСИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦА
-
-
ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИТЕ ОД ПЕТОК НЕМА ДА ВОЗАТ ОТИ ДАНЕЛА НЕ ИМ ПЛАЌА ОД ЈАНУАРИ
Парите потребни за исплата на ратата од кредитот се предвидени со ребалансот на буџетот. Министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред две недели на прес-коференција на која го презентираше ребалансот на буџетот кажа дека државата морала да обезбеди пари за кредите кои не ги плаќаат другите институции, меѓу кои и за ЈСП „Скопје“, а овие пари претходната Влада на Димитар Ковачевски ги немала предвидено.
„Со ребалансот, обезбедени се 5,1 милијарда денари за отплата на кредитите кон странство на Јавното претпријатие за државни патишта, Македонски железници, ЈСП ‘Скопје’ и ЕСМ, кои не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Од ЈСП „Скопје“ и од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не добивме одговор на нашето прашање зошто не се во состојба да го плаќаат кредитот.
ЈСП „Скопје“ во јануари годинава доби 11 милиони евра субвенции од Град Скопје за исплата на плата и подмирување на обврските.
Градоначалничката Данела Арсовска како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ги доби локалните избори во 2021 година со ветувањето за бесплатен превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси. Не само што ова предизборно ветување не го исполни, туку во Скопје веќе нема ни редовен автобуски превоз, приватните превозници постојано протестираат бидејќи не им се плаќа, па дел од нив не возат, а возачите на ЈСП обвинија дека автобусите не се поправаат редовно и од раководството ги тераат да возат со неисправни возила, ризикувајќи го своите и животите на патниците
А. АНТЕВСКА