МВР поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција против П. Г. полицаец во СВР Битола, за кривично дело Малтретирање во вршење на служба, поради неоснована употреба на физичка сила против битолчанецот Ј. Н., соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Против полицаецот П. Г. и неговиот колега К. Г. се покренати и постапки за дисциплинска одговорност и суспензија од работното место. К. Г. е суспендиран оти бил присутен на тепањето и не презел никакви мерки за спречување на насилството против битолчанецот.
На видеоматеријалот од саботата, а објавен вчера на социјалните мрежи се гледа како полициски службеник претепува лице од ромска националност на улица Рузвелтова во Битола. Околу него има уште две други лица, кои најверојатно биле заедно со лицето што беше истепано, како и двајца други полицајци.
„МВР остро осудува каков било случај на насилство особено кога го сторил полициски службеник и тоа најстрого ќе се санкционира оти ниту еден ваков чин не може да се оправда. МВР вложува многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и нема да дозволиме, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна. Нашата цел е полиција која ќе биде во служба на граѓаните и во функција на нивна поголема безбедност“, рече Спасовски.
На видеото објавено вчера на социјалните мрежи пишува „Полициска бруталност врз Ромите“. Настанот се случил уште минатата сабота навечер, а му претходеше сообраќајна несреќа.
„Бруталноста на полициски службеници врз граѓани Роми, што ја видовме вчера во видеото на социјалните мрежи е за најсилна осуда“, изјави премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук профил, додавајќи дека очекува да следува казна за сите кои се вклучени во тоа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА