НЕМА ЗАКОН, ПА ШКОЛИТЕ ВО БИТОЛА ОСТАНАА БЕЗ ДИРЕКТОРИ И НАСТАВНИЦИ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКАТА КАВГА ЗА НАДЛЕЖНОСТИ МЕЃУ ОПШТИНСКАТА ВЛАСТ НА ВМРО-ДПМНЕ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА ДУИ

    НЕМА ЗАКОН, ПА ШКОЛИТЕ ВО БИТОЛА ОСТАНАА БЕЗ ДИРЕКТОРИ И НАСТАВНИЦИ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКАТА КАВГА ЗА НАДЛЕЖНОСТИ МЕЃУ ОПШТИНСКАТА ВЛАСТ НА ВМРО-ДПМНЕ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА ДУИKритериумите за одземање на надлежностите на Општината мора да бидат соодветно законски пропишани за да не се злоупотребуваат широки и општи одредби и ваквите ситуации да не бидат на штета на граѓаните, велат експертите. (Фото: СДК.МК)

    Нарушена работна атмосфера, доцнење на плати, бојкот на настава, пријави во инспекции се дел од последиците што со месеци се чувствуваат во битолското образование поради спротивставените ставови на Министерството за образование и наука (МОН) и Општина Битола. Министерството кое го води кадар на ДУИ, коjа е во коалиција со СДСМ, и Општината предводена од ВМРО-ДПМНЕ никако да најдат заеднички јазик за дел од училиштата. Образованието стана арена за политички надмудрувања меѓу централата и локалната власт.

    Несогласувањата се околу поставувањето директори и ангажирањето наставници. МОН на Општината ѝ ги одзеде надлежностите за назначување директор врз три училишта. Градоначалникот и министерот меѓусебно се обвинуваат за партизација на образованието.

    Од Центарот за управување со промени (ЦУП) укажуваат дека за решавање на ваквите ситуации треба да се користат правните механизми, а не преку дневнополитички препукувања да се вршат меѓусебни притисоци.

    „Уште пред неколку месеци предупредив дека централната власт е насочена кон деструкција на битолското образование и целосна партизација. Веднаш после мојата прес-конференција, на која побарав спречување на крах во битолските училишта со нивно оставање без 301 наставник, одземени ми беа ингеренциите во делот на назначување директори. Како резултат на тоа, во ОУ ‘Климент Охридски’ МОН за директорка ја назначи генералната секретарка на СДСМ од Битола, што претставува директно инволвирање на политиката. Во ОУ ‘Александар Турунџев’ три дена имаше бојкот на наставата од наставници каде именувана е претходната директорка, за која до Општината претходно беа доставени повеќе петиции од страна на вработените во училиштето. Во Техничкото училиште се случи да доцнат платите и да нема кој да ги потпише налозите. Најголемата загуба е кај учениците“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

    Во училиштето „Александар Турунџев“ во Кукуречани никако да се надмине нарушената работна атмосфера. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за образование Јетон Шаќири возврати дека локалната власт сака да ги партизира училиштата. Од почетокот на учебната година тој во неколку наврати изјавуваше дека се одземаат ингеренции за да нема политичко влијание врз вработувањата. Критикуваше дека наставници не добиле трансформација на работен однос во траен иако ги исполнувале условите.

    „Постапуваме според законот, а Општина Битола има неколку записници од Просветен инспекторат во делот на вработување на наставниот кадар, таму има проблематична ситуација зашто наставен кадар кој беше пред трансформација на работниот однос не беше веќе на работните места. По почнувањето на новата учебна година, добивме сознанија дека има наставници кои работеа подолго од 2 до 5 години, а за нив од Комисијата беа доставени предмети за трансформација на нивниот работен однос. Но, не знам од какви причини, истите тие наставници кои ги имале поминато сите потребни законски предвидени обврски за трансформација, веќе не биле на работните места“, рече Шаќири.

    Од Центарот за управување со промени појаснуваат дека според Законот за локална самоуправа, надлежностите на Општините не смеат да бидат одземени или ограничени освен во случаите утврдени со закон. Законот за основно образование предвидува: „Ако и покрај укажувањата и преземените мерки и активности, Општината не го обезбеди извршувањето на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност, ѝ се одзема вршењето на сооодветната надлежност“. Одземањето го врши МОН најмногу до една година, во име и за сметка на Општината. Но, Законот не споменува дали одземањето може да биде целосно или делумно. Според експертите, неопходно е да има точно пропишани критериуми за одземање ингеренции.

    Ингеренциите МОН ги одзеде и во основното училиште „Климент Охридски“ и за в. д. директорка ја назначи Гордана Анастасова која го водеше школото за време на СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    „Бидејќи не постои законски пропишана постапка за одземање на надлежности на Општина од страна на Министерство, Министерствата се водат според правилата на општата управна постапка. Но, критериумите за одземање на надлежностите сепак мора да бидат соодветно законски пропишани со цел да не се злоупотребуваат широки и општи одредби. Одредбата за одземање надлежности е многу широка и потребно е појаснување со конкретни критериуми. За еден министер може да значи можност за одземање на надлежности за секоја неспроведена наредба, додека за друг кога Општината неколку пати прави ист или сличен пропуст. Ова ги става Општините во голема правна несигурност и влијае и врз локалната самоуправа како уставна вредност“, вели Искра Белчева- Ристовска од Центарот за управување со промени.

    Во вакви ситуации, додаваат, многу е важно да се користат правните механизми, а не преку дневнополитички препукувања едните да прават притисок врз другите и граѓаните да не добиваат ништо.

    „Проблеми на судир на надлежности може да се решаваат пред Уставниот суд или Управниот суд, во зависност од тоа што ќе биде предмет на спорот – делимитација на надлежностите меѓу институциите или законитоста на актот со кој МОН ги има одземено надлежностите на Општина Битола. Но, според состојбата, сè повеќе наликува на второто, а тоа е во надлежност на Управниот суд. Ваквите ситуации не треба да бидат на штета на граѓаните, а институциите треба да ги решаваат брзо, ефективно’’, посочуваат од Центарот.

    Најконфузната ситуација настана во Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола. МОН му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот да назначува директор, откако претходно во три мандати за в. д. директор ја имаше поставена Жанета Сервини. Но, на објавениот конкурс самиот министер повторно ја назначи неа за директор. Училиштето во изминатиот период е постојано мета на пријави во Државниот просветен инспекторат по разни основи. Дел се отфрлени, од училиштето велат дека работат по закон, а од Инспекцискиот совет соопштија дека казнети се двајца просветни инспектори со 30 проценти од нето платата од два месеца, поради ненавремено или небрежно вршење на работните задачи поврзани со вонредни инспекции во училиштето.

    Ингеренциите МОН ги одзеде и во основното училиште „Климент Охридски“ и за в. д. директорка ја назначи Гордана Анастасова која го водеше школото за време на СДСМ.

    „Ингеренциите беа одземени заради незаконско назначување на в. д. директор од локалната власт. Со одземањето ингеренции и мое назначување за в. д. на огласот, примени се сите наставници кои имаа добиено позитивна одлука од Второстепена комисија за трансформација на работните места. Сега во училиштето нормално се реализира воспитно-образовниот процес без никави притисоци“, вели Анастасовска.

    Во училиштето „Александар Турунџев“ никако да се надмине нарушената работна атмосфера.

    „Во периодот на мојот четиригодишен мандат постигнав успеси – од блокирано и запоставено, училиштето беше одблокирано и комплетно реконструирано со 16 милиони денари. По изборите противзаконски се поставуваа в. д. директори. Тој во јули 2023 година не постапи по конечно и извршно решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Училишниот одбор во 2023 година, по три огласи не избра директор. Немаше в. д. директор, ниту директор 5 месеци. Немаше законски застапник кој ќе потпиши договор за нафта и училиштето е оставено без нафта за греење на учениците за учебната 2023/24 година. Од тие причини, министерот беше приморан да ги одземе ингеренциите за именување на директор“, вели Бранка Лазаревска, в. д. директорка на училиштето во Кукуречани.

    Драган Димов, наставник и претседател на СОНК во училиштето, вели дека по одземањето на ингеренциите состојбата во училиштето е повеќе од застрашувачка.

    „Првично од страна на министерот за образование беше најавено дека ингеренциите се одземаат со цел да се заштитат наставниците и нормално да се одвива воспитно-образовниот процес. Се случи спротивното. Се врати старата директорка и почна со исплата намалени плати, создаде раздор и револт кај вработените и родителите. Револтот го искажавме со бојкот на наставата во декември и добивме сигнали од МОН дека ситуацијата ќе се реши, но ништо од тоа. Продолжи со отпуштање на вработени и нивна замена со партиски кадри“, вели Димов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира