НИ ФАЛАТ ПОЛИЦАЈЦИ, ЗАТОА НЕДОВОЛНО KАЗНУВАМЕ ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    НИ ФАЛАТ ПОЛИЦАЈЦИ, ЗАТОА НЕДОВОЛНО KАЗНУВАМЕ ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИМинистерот Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто ја нема сообраќајната полиција низ градот да казнува, вели дека имаат проблем со недоволен број полицајци, но проблем е и тоа што во Скопје нема доволно паркинг места; - Од промоцијата на проектот „Паркирај совесно“ што МВР ќе го спроведува во средните училишта заедно со Град Скопје и Општина Центар (Фото: К. Попов)

    Имаме недостаток на полицајци, затоа не сме доволно присутни низ градот да санкционираме непрописно паркирани возила, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тротоарите и велосипедските патеки секојдневно се блокирани со возила, третата лента на булеварите е паркинг, а дистрибутерите и понатаму вршат дотур на стока во текот на целиот ден. Водно секој викенд е блокирано со паркирани возила и покрај забраната за движење. Минатиот викенд автобусите на ЈСП „Скопје“ не можеа да се качат на Средно Водно оти патот беше преполн со коли, а сообраќајната полиција ја немаше.

    На промоцијата на проектот „Паркирај совесно“ што МВР ќе го спроведува во средните училишта заедно со Град Скопје и Општина Центар, министерот Спасовски, одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто ја нема сообраќајната полиција низ градот да казнува, вели дека имаат проблем со недоволен број полицајци, но проблем било и тоа што во Скопје нема доволно паркинг места.

    „Проблем се и недостатокот на обележани паркинг места, но и лошо проектираните улици, особено во некои населби во централното градско подрачје. На секои 50 метри мора да имате полицаец за да почне да се решава хаосот во сообраќајот и во паркирањето. Свеста на возачите сè уште не е на доволно високо ниво, а ние со кампањи гледаме да придонесеме таа да се подигне. Секој од нас мора да даде и свој личен придонес, бидејќи сите ние имаме членови од семејствата кои се пешаци. Факт е дека имаме недостаток на полициски службеници и дека не се доволно присутни во градот. Состојбата се подобрува, тоа го покажуваат и статистичките податоци и бројот на прекршоци. Безбедноста во сообраќајот не е работа само на една институција и затоа заеднички работиме на подобрување на состојбата“, рече Спасовски.

    Со проектот „Паркирај совесно“ ќе се едуцираат учениците од трета година од средните училишта во Скопје како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање, да се развие нивната сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот.

    „Со цел да се поттикнат поактивно да се вклучат во проектот, средношколците ќе имаат задача да направат интересни фотографии од прописно и непрописно паркирани автомобили на паркиралиштата и ќе ги постираат на социјалните мрежи на проектот со интересни постови и хаштази. Најдобрите 10 фотографии кои ќе имаат најмногу лајкови, коментари и споделувања ќе добијат награда бесплатен летен едукативен камп во Грција. Исто така, пред крајот на школската година ќе се тестираат учениците за стекнатото знаење од едукативните предавања. 10 ученици со најдобри оцени ќе ја добијат главната награда и ќе станат лидери на групи односно ментори на групи во летниот едукативен камп“, рече директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Васко Кичевски.

    Градоначалникот Петре Шилегов рече дека подолг временски период Скопје има недостиг од обележани паркинг места, а направените статистики покажале дека во Скопје имаме 9 до 10 возила на едно паркинг место.

    „Со оглед на тоа, исто како и проблемот со аерозагадувањето и овој проблем се решава на долг рок. Паралелно со зголемувањето на бројот на паркинг места работиме на дестимулирање на употребата на моторни возила и поттикнување на користењето на јавниот превоз, со цел да постигнеме истовремено одржлива урбана мобилност и намалување на аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Оттука, совесното и одговорно паркирање е од непроценлива важност за спречување на хаосот во сообраќајот со кој граѓаните секојдневно се соочуваат особено во централното градско подрачје“, Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира