Не е во надлежност на премиер „да фаќа врски“ за да озаконува криминални градби во УНЕСКО регион, му укажаа активистите на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ на Зоран Заев откако тој вчера му вети на инвеститорот на хотелот во Лагадин што прекрши 12 закони дека ако треба лично ќе ја донесе Второстепената комисија и ќе го реши случајот.
Инвеститорот Никола Толески на трибината во Охрид му кажа на Заев дека сака да го догради објектот и ако може да ја фати сезоната, а за хотелот, инвеститорот кажа дека е едно „обично објектче“ за семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани.
Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на Езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.
„На вчерашниот партиски митинг на СДСМ во Охрид со парадоксален назив ‘Силна економија – шанса за сите’ имавме чест да слушнеме како премиерот Заев му ветува на ‘чичко Никола’ со кого си разменувале приватни смс пораки дека тој лично ќе се погрижел неговиот криминален хотел да си ги добие сите потребни дозволи и да си почне со работа. Го потсетуваме премиерот Заев на решението од здружениот инспекциски надзор во кое беа констатирани низа неправилности кои правниот тим на ‘Охрид СОС’ ги утврди“, велат активистите и укажуваат на целата низа прекршувања:
– Прекршување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион
– Прекршување на Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро
– Прекршување на Законот за животна средина
– Прекршување на Законот за заштита на природата
– Прекршување на Законот за води
– Прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање
– Прекршување на Правилникот за начинот на спроведување на постапката за добивање на одобрение за градење на електронски начин
– Прекршување на Законот за градење
– Прекршување на Законот за општа управна постапка
– Прекршување на Законот за вработените во јавниот сектор
– Прекршување на Законот за користење на податоци од јавниот сектор
– Прекршување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер
– Прекршување на Законот за сопственост и други стварни права
– Прекршување на Уставот на РМ
Активистите потсетуваат дека на Толески не му е првпат да гради нелегално и дека против него СВР Охрид има поднесено кривична пријава во 2016 за нелегална градба во заштитено подрачје во Националниот парк Галичица.
„Освен ако премиерот Заев не мисли да го злоупотреби Собранието на РМ за да го задоволи својот сопартиец и да го силува Уставот со носење лекс специјалис во урбанизмот кој ќе се вика ‘Законот за чичко Никола’, незаконскиот чир од градба во Лагадин мора итно да добие решение за отстранување и Општината мора веднаш да пристапи кон спроведување, овојпат без изигрување на правото како кога ја поништија само клаузулата за правосилност на одобрението за незаконската градба, а не го поништија и самото одобрение“, велат од „Охрид СОС“, кои бараат премиерот да се извини „за грубото мешање во надлежности што претставува тешко прекршување на темелните вредности на уставниот поредок“.
„Премиер кој е на ниво на задачата ќе побара да го види решението од мешаниот инспециски надзор и ќе ги извршува доследно своите надлежности според Деловникот за работа на владата… и ќе побара одговорност за лицата кои воопшто овозможиле ова криминално одобрение за градба да стане правосилно и лицата од Второстепената комисија што упорно ја уважуваат жалбата за нелегалната градба. Токму партискиот пазар и неказнивоста на локални шерифи ги доведоа Охрид и Македонија до ова дереџе. А сепак, дури ни Никола Груевски не се осмели вака јавно и отворено да го покажува степенот на корумпираност во македонското општество“, велат од „Охрид СОС“.
Активистите велат дека до канцеларијата на премиерот се доставени сите релевантни документи со кои располага Охрид ЅОЅ и највија дека ако премиерот и натаму остане во заштита на локалниот криминал, ќе покренат процедури за обезбедување материјална и кривична одговорност.