СО РЕФЕРЕНДУМИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ РАСКИНАТ ДОГОВОРИ ЗА РУДНИЦИ, ИМ ОДГОВОРИ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ

    СО РЕФЕРЕНДУМИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ РАСКИНАТ ДОГОВОРИ ЗА РУДНИЦИ, ИМ ОДГОВОРИ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТЖителите на Општина Богданци на 11 јуни на референдум изгласаа стопирање на изградбата рудникот „Казандол“ и забрана за нови рудници (лево); министерот за економија Крешник Бектеши (Фото: СДК.МК)

    Согласно законската регулатива, не може Владата да ги раскине договорите за веќе издадени концесии за експлоатација на минерални суровини поради успешен референдум или граѓанска иницијатива,  им одговори министерот за економија Крешник Бектеши на градоначалниците од Југоистокот, кои побараа став од Владата и Министерството за економија во врска со референдумите што се одржуваат во нивните општини.

    „Во законот за минерални суровини како и во законот за концесии и јавно приватно партнерство нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот односно Владата на РМ поради реализиран референдум или пак граѓанска иницијатива против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини. Во насока на конечно решавање на ова прашање, Владата на РМ како концедент, заедно со Министерството за економија во соработка со сите засеганати страни, ќе треба најпрво да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се изнајде решение во рамките на законот“, стои во дописот од министерот Бектеши до  градоначалниците од Југоистокот.

    Пред неполн месец, на новинарско прашање за референдумите во Југоистокот премиерот Зоран Заев кажа дека ќе се постапува согласно законот и Уставот во интерес и на граѓаните и на инвеститорите.

    „Нема поважно од животот и здравјето на граѓаните. Апсолутно државата е подготвена да се откаже од свои приходи во буџетот или било што друго наспроти животот и здравјето на граѓаните. Она што е по закон и Устав ќе биде постапено во интерес на сите, пред сѐ на граѓаните, но секако тука е интересот на инвеститорите кои добиле договори за концесии за геолошки истражувања или експлотација на минерални суровини. Јас сум убеден дека може да се најдат решенија пред сѐ во интерес на граѓаните, а потоа и на инвеститорите“, рече тогаш Заев.

    Во Југоистокот  се одржаа референдуми во Гевгелија, Богданци и Дојран. Жителите на Богданци и Дојран се изјаснија против „Казандол“  кој има договор за експлотација на минерални суровини. За овој комплекс овој месец ќе се изјаснуваат жителите на Валандово, а референдуми се најавени и во струмичктие Општини Босилово и Ново Село.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира