РЕФЕРЕНДУМИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ НЕ СЕ ЏАБЕ, ТИЕ СЕ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ

    РЕФЕРЕНДУМИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ НЕ СЕ ЏАБЕ, ТИЕ СЕ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТПротив работата на комплексот „Казандол“ кој има добиено концесија за експлотација на 20 август ќе се изјаснуваат вландовчани, каде на граѓанската иницијатива се приклучија сите граѓански здруженија (Фото: СДК.МК)

    Активистите од  граѓанските иницијативи „Стоп на рудниците во Југоистокот“ велат дека дописот на министерот за економија Крешник Бектеши до Општините нема да ги обесхрабри, туку напротив им даде дополнителна причина  да работат уште посилно  на потребата за  референдумско изјаснување  на граѓаните за рудници.

    „Досегашните и идните референдуми против отварање рудници не се џабе, туку се гласот на народот“, велат активистите откако вчера до Општините стаса допис потпишан од министерот Бектеши дека македонската законска регулатива нема  предвидено основ да се раскинат договорите за издадени концесии  врз база на одржани референдуми.

    Активистите се свесни дека референдумите на локално ниво не се обврзувачки за централната власт, но подвлекуваат дека не се бескорисни, бидејки преку нив граѓаните упатуваат порака до властите дека не сакаат тешка и загадувачка индустрија до нивните домови.

    „Референдумот на локално ниво не е обврзувачки за централната власт, но е императивен! Тоа е онаа што цело време го тврдиме. Ако зад референдумите застанат 100 до 150 илјади луѓе  од Гевгелија, Богданци, Дојран, Валандово, Струмица, Босилово, Ново Село, не знам која централна власт нема да ја респектира таа бројка“, рече Јован Џалев по референдумот во  Богданци, каде над 95 одсто од граѓаните се изјаснија против рудници и работата на „Казандол“.

    Активистите велат дека нема да отстапат од нивните барања да нема рудници во овој дел од државата, иако претходно Општините без да ги консултураат дале позитивни мислења како за детални геолошки истражувања така и за експлотација на минерални суровини. Сметаат дека и министерот Бектеши во дописот потврдува оти работата сѐ уште не е завршена.

    „Во насока на конечно решавање на ова прашање, Владата на РМ како концедент, заедно со министерството за економија во соработка со сите засегнати страни ќе треба најпрво да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се изнајде решение во рамките на законот“, им напиша министерот за економија Бектеши во одговорот до градоначалниците во Југоистокот.

    Жителите на Гевгелија, Дојран и Богданци преку референдумско изјаснување кажаа не за отварање рудници во нивните општини. Последните две јасно порачаа дека се против и работата на комплексот „Казандол“ кој има добиено концесија за експлотација. За него на 20 август ќе се изјаснуваат вландовчани, каде на граѓанската иницијатива се приклучија сите граѓански здруженија. Референдуми против отварање рудници за идниот месец се најавени и во Струмичко за рудникот Иловица-Штука. Општина Босилово закажа на 3 септември  додека при крајот на месецот за или против рудници ќе се изјаснуваат и жителите на општина Ново Село.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира