СОВЕТОТ ПРИФАТИ ОД ВЛАДАТА ДА БАРА СУБВЕНЦИОНИРАНА СТРУЈА ЗА БИТОЛА, СЕПАК УТРЕ ЌЕ ИМА И ПРОТЕСТ ЗА ВОЗДУХОТ

    СОВЕТОТ ПРИФАТИ ОД ВЛАДАТА ДА БАРА СУБВЕНЦИОНИРАНА СТРУЈА ЗА БИТОЛА, СЕПАК УТРЕ ЌЕ ИМА И ПРОТЕСТ ЗА ВОЗДУХОТСубвенцијата за стуја се бара оти еден од најголемите загадувачи РЕК Битола, кој обезбедува 75 проценти од струјата во Македонија, е близу Битола (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола денес едногласно го прифати предлогот на независната советничка група Поинаку да побара од Владата на првата следна седница битолчани да добијат субвенционирана цена на струјата поради загадувањето што го трпат од РЕК.

    „Ова го бараме зашто во наша близина е еден од најголемите загадувачи РЕК Битола, кој обезбедува 75 проценти од струјата во Македонија. Бројот на заболени од малигни неоплазми или лошото, како што се нарекува, е во постојан пораст во Битола. До моментот на гасификација, ако ја дочекаме живи, Битола мора да биде заштитена од загадувањето зашто врз него влијае и начинот на загревање на домовите и јавните институции”, рече Иван Чулакоски, советник од Поинаку.

    Иако сите советници едногласно го изгласаа предлогот, Чулаковски од говорница ги повика битолчани утре во 16 часот на протест пред Општина Битола.

    „Бидејќи мерката мора да се реaлизира, за да не остане само парче хартија ги повикуваме на протест прво советниците кои гласаа за мерката, градоначалничката, сите битолчани, студенти, средношколци, политичари, пензионери и сите оние кои се свесни за состојбата со аерозагадувањето во која се наоѓа Битола, да побараме итно решавање на проблемот. Ги повикуваме сите оние кои знаат дека воздухот нема политичка ориентација и дека болестите не одбираат партиска припадност“, рече Чулакоски.

    Битола со години маки мачи со аерозагадување. Мерните станици покажуваат над 70 денови со вредности на ПМ 10 честички над максимално дозволените, а дозволени се 35. Покрај индустриските капацитети, како најголем загадувач се посочуваат домаќинства и претпријатијата кои се греат на дрва и мазут.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира