СПОРЕД ПРОЕКТОТ НА АРХИТЕКТИ ОД ШПАНИЈА И БРАЗИЛ ЌЕ СЕ РЕНОВИРА САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО КАРПОШ

    СПОРЕД ПРОЕКТОТ НА АРХИТЕКТИ ОД ШПАНИЈА И БРАЗИЛ ЌЕ СЕ РЕНОВИРА САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО КАРПОШОпштина Карпош, избраниот идеен проект ќе го достави до Агенцијата за млади и спорт, при што ќе следи подготовка на основен проект и реконструкција на салата. (Фото: Општина Карпош)

    Сата „Партизан“ во скопски Карпош ќе се реновира според идејното решение на архитекти од Шпанија и Бразил. На јавната анкета која ја распиша Општина Карпош за идеен проект за обнова на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ позната како „Партизан“, победи решението на архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро.

    Во периодот од 8 до 18 февруари, преку веб страната на Општина Карпош  гласаа 1.322 граѓани. Од нив 878 гласови доби идејниот проект кој е подготвен од архитектите од Шпанија и Бразил, а 444 граѓани гласаа за идејниот проект кој беше подготвен од Ивона Крстеска, Марија Гелмановска, Ана Грковска и Александар Кочовски.

    „Двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од Меѓународната невладина организација ‘Културно ехо’. И двата гарантираат задржување на автентичноста на објектот, но и додавање на нова вредност на салата, мултифункционалност и прилагодување на урбаниот контекст. Општина Карпош, избраниот идеен проект ќе го достави до Агенцијата за млади и спорт, при што ќе следи подготовка на основен проект и реконструкција на салата“, велат од Општина Карпош.

    На 5 јануари 2019 година САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека некогашната култна сала сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло, по што Општината почна со активности за реновирање на салата.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира