Од почетокот до крајот на улицата Даме Груев во Скопје, од кај поранешно „Беко“ преку плоштад ВМРО низ улица Македонија до Собрание, движењето е низ ѓубре, измет, искршен плочник, заградени градилишта оставени на пола и блокирани патеки од испаркирани коли на пешачка зона. Овој дел од градот е целосно запуштен, неисчистен со години, се шири непријатна миризба од мочки и гомна и воопшто не доликува на строг центар на главен град на држава.
Ако се почне движењето пеш или со велосипед од патеката кај градилиштето на ТЦЦ „Плаза“, прво наидувате на неколку канделабри од проектот „Скопје 2014“ кои се извадени и со години стојат легнати на плочникот. Плоштадот ВМРО кој беше направен во времето на ексградоначаникот Коце Трајановски никој не го чисти, а камоли да го мие. Низ плочникот има расфрлено ѓубре, отпушоци од цигари, а низ плочките израсната трева. Фонтаната на споменикот не работи.
Најлоша е сликата на просторот меѓу зградата на „Технометал Бардар“ и хотелот до белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Откако пред неколку години фирмата „Технометал Вардар“ отиде во стечај и зградата е одземена од банката, се чини никој не стапнал да го исчисти овој простор. Плочникот воопшто не се гледа од измет, околу обрасната е трева, расфрлено ѓубре, фонтаната служи како корпа за отпадоци, а навечер нема ни светло. Дополнителна грдосија е хотелот кој го гради фирмата „Бетон“ до зградата на партијата ВМРО-ДПМНЕ. „Бетон“ затоа што ја градеша белата палата на партијата за возврат го доби просторот и маркичка за хотел. Но, по промената на власта таму не се одвиваат никакви градежни работи и градбата е оставена на половина.
Впечатокот дека не сте во центарот на градот продолжува и кога ќе се излезе на улица Македонија. Главната пешачка улица во Скопје е со искршен плочник, a коли и комбиња за дотур на стока постојано минуваат и се паркираат кај ќе стасаат. Летните тераси на кафулиња се заградени со стакларници, секој различен, а не унифицирани како што е случај за главните пешачки зони секаде во светот. На улица Македонија веќе десетина година стои и градилиштето за црквaта Свети Константин и Елена која почна да се гради во времето кога премиер беше Никола Груевски. За црквата тогашната влада организираше донаторси конференции за собирање пари за нејзина изградба, но сега Македонската православна црква никако да ја заврши изградбата на цркавата бидејќи велат дека немале средства.
Оттаму минувајќи низ тесниот просторот што е оставен меѓу градилиштето и некогашното кино „Култура“ се стигнува до Собранието. Таму не може да се помине од паркирани коли на сите страни, една зад друга. Просторот освен што е узурпиран со коли од врабтени во Собранието и Министерството за транспорт и врски, е запуштен, обраснат со треви и со искршени клупи.
Градоначалникот Саша Богдановиќ за ваквата слика на центарот на градот вели дека не може ништо да направи бидејќи надлежностите се на Град Скопје.
„На улица Македонија се согласувам дека ѝ е потреба реконструкција, но Градот ја презеде таа обврска. Исто така тие се надлежни и за чистење и одржување на плоштадот ВМРО и околниот простор. Што се однесува за паркингот кај Собрание, ние ја поништивме дозволата за градење на катна гаража и штом земјиштето се врати на државата ќе почеме со уредување на просторот во парк и ќе го решиме хаосот кој сега владее таму“, вели градоначалникот Богдановиќ.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашото прашење зошто дозволуваат и не преземаат ништо за одржување и чистење на овој дел од центарот на Скопје.
А. АНТЕВСКА