Приватните автобуски превозници во Скопје бараат финансиска помош од Владата поради поскапувањето на метанот од 50 на 110 денари. Откако минатата недела ЈСП „Скопје“ побара владина помош, денеска и приватните превозници излегоа со барања.
Ленин Јовановски од приватниот превозник „Слобода превоз“ вели дека цената на метанот е двојно зголемена што е најголемо поскапување во споредба со другите земји од регионот и доколку не им се помогне нема да може да возат на сите линии со сегашниот број на автобуси.
„Ние имаме 21 автобус кој вози на метан и со сегашната цена на горивото нема да можеме да издржиме. Затоа бараме Владата да ни даде субвенции, нека ни даде од оние 3 денари еколошка такса што ја собираат. Ќе доставиме барање и до Град Скопје. Градот и Владата мора да најдат решение, двете институции се надлежни. Не може Владата да каже дека не се надлежни, па Скопје е цела Македонија“, вели Јовановски.
Тој вели дека приватните превозници се соочуваат со големи проблеми, а поскапувањето на метанот е дополнителен удар врз нив.
„Со пандемијата ни се намалија линиите, а со тоа и приходите. Дополнително Градот и ЈСП ‘Скопје‘ ни должат 430 милиони денари за изминатите километри на линиите на кои возиме. Барање за решавање на нашите проблеми ќе доставиме и до Град Скопје. Досега со градоначалничката Данела Арсовска не сме имале средба“, вели Јовановски.
Помош од Владата минатата недела побара и ЈСП „Скопје“ бидејќи 33 МАН автобуси кои беа набавени пред две години возат на метан. Досега претпријатието за гориво за еколошките автобуси трошело околу 1 милион евра годишно, а со новата цена ќе му требаат над 2 милиони евра.
Од Владата на барањето на ЈСП „Скопје“ одговорија дека помош треба да бараат од Град Скопје под чија надлежност е претпријатието.
А. АНТЕВСКА