ЗАТВОРЕНИ 5 КОНФЕКЦИИ ВО ШТИП ОТКАКО ДЕНЕС СЕ РЕГИСТРИРАНИ НОВИ 27 СЛУЧАИ НА КОВИД-19

    ЗАТВОРЕНИ 5 КОНФЕКЦИИ ВО ШТИП ОТКАКО ДЕНЕС СЕ РЕГИСТРИРАНИ НОВИ 27 СЛУЧАИ НА КОВИД-19Од Општинскиот кризен штаб апелираат граѓаните да ја почитуваат мерката за самоизолација и да не се шетаат низ градот; - Градоначалникот на Штип Благој Бочварски и Државниот секретар за здравство Владимир Милошев. (Фото: СДК.МК)

    Денешните 27 случаи позитивни на КОВИД-19 во Штип се најмногу од почетокот на пандемијата. Поради ширењето на вирусот меѓу текстилните работнички, пет фабрики ќе бидат затворени. Оваа одлука ја предложи Кризниот штаб на Општина Штип, а беше прифатен од Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб на Владата. Најавија дека оваа мерка за затворени фабрики првично ќе трае до понеделник, кога повторно ќе се анализира состојбата. Ако нема подобрување, не ја исклучија можноста  Штип да биде ставен под карантин. Затоа, апелираа до вработените во затворените фабрики да бидат во изолација и да не се шетаат низ градот.

    „Покрај првата фабрика, која од минатата недела веќе е затворена, одлучивме да се затворат уште пет текстилни конфекции во Штип во кои се јавиле по неколку случаи на новозаболени со КОВИД-19. Се работи за фабрики со речиси 500 вработени, кои користеле исти автобуси за превоз од дома до работа и обратно, заедно со веќе заразените од првата фабрика. Од оваа конфекција која има 110 вработени, веќе кај 55 лица или кај половината од вработените е утврден коронавирус“ рече градоначалникот на Штип Благој Бочварски.

    На Инфективното одделение во Штип моментно се хоспитализирани 15 пациенти со средно тешка клиничка слика, а повеќе лица се на домашно лекување и се под секојдневна контрола на инфектолозите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари