ОД УТРЕ СЕ УКИНУВА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС, ТЕРАСИТЕ НА КАФУЛИЊАТА СЕ ОТВОРААТ В ЧЕТВРТОК БИДЕЈЌИ СОСТОЈБАТА Е ПОД КОНТРОЛА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ

    ОД УТРЕ СЕ УКИНУВА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС, ТЕРАСИТЕ НА КАФУЛИЊАТА СЕ ОТВОРААТ В ЧЕТВРТОК БИДЕЈЌИ СОСТОЈБАТА Е ПОД КОНТРОЛА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИКако што кажа Спасовски од 1 јуни ќе престанат да важи ослободувањето од работа, односно администрацијата ќе треба да се врати на работните места. Оваа одлука нема да важи за хронично болните и оние кои имаат деца до 10 години додека не се отворат градинките. (Фото: К.Попов)

    Од утре нема да има полициски час, а в четврток ќе почнат со работа терасите на кафулињата и рестораните, одлучи Владата на денешната седница.

    Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција кажа дека одлуките за укинување на рестриктивните мерки е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести.

    „Денешните одлуки се донесени бидејќи состојбата е под контрола, а зголемениот  број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на непочитување на рестриктивните мерки“, кажа Спасовски.

    Кафулињата и рестораните ќе работат по определени протоколи за летни тераси, а за затворените делови начинот на работа ќе се регулира во понатамошна фаза. Како што кажа Спасовски, од 1 јуни ќе престанат да важат ослободувањата од работа односно администрацијата ќе треба да се врати на работните места. Оваа одлука нема да важи за хронично болните и оние кои имаат деца до 10 години додека не се отворат градинките.

    „Задолжителниот карантин се заменува со домашна изолација, доколку лицата приложат негативен тест за коронавирус направен последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се во државен карантин може да направат тест на свој трошок и доколку имаат негативен да одат во домашна изолација“, кажа Спасовски.

    Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да направи проценка за отворање на границите и да направат протоколи за влез и излез од земјава и за работа на хотелите.

    Полицискиот час како мерка против ширење на коронавирусот беше воведен на 22 март. Првиот полициски час беше од 21 до 6 часот наутро. Оттогаш па наваму се менуваше времето за забрана за движење во зависност од бројот на новозаболени лица и ширење на вирусот.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира