АЛБАНИЈА ГИ КОМПЛЕТИРА СНИМКИТЕ ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ ПО ТРИ УРГЕНЦИИ НА РУСКОСКА, НО УШТЕ НЕ ГИ ДАВА

    АЛБАНИЈА ГИ КОМПЛЕТИРА СНИМКИТЕ ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ ПО ТРИ УРГЕНЦИИ НА РУСКОСКА, НО УШТЕ НЕ ГИ ДАВАОд Владата велат дека истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал мора да заврши, пред да се објавуваат детали во јавноста. - Обвинителката Вилма Рускоска на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017; Пратеникот Никола Груевски во Собрание (Фото: СДК.МК)

    Снимките од граничните служби на Албанија за тоа како избегал осудениот експремиер Никола Груевски од Македонија, Обвинителството за организиран криминал никако не може да ги добие.

    „Досега испративме до колегите од Албанија три ургенции во врска со снимките кои подолг период ги чекаме оттаму, за да ги утврдиме околностите на бегството на осудениот Груевски кон соседната земја. Добивме официјално известување дека снимките од безбедносните камери на граничните премини се комплетирани. Пред три дена, испративме мејл до колегите во Албанија со кој ги прашуваме кога им одговара тим од Обвинителството за организиран криминал со форензичар одовде да отиде и да го подигне хард дискот. Треба да се подготвиме, промашување во процедурата не смее да има. Еве, три дена како немаме никаков одговор од нивна страна“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска.

    На 15 јануари, во интервју за државната агенција МИА, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се посомнева дека на Груевски му помогнале државите низ кои се движел, иако засега сѐ уште нема докази за тоа.

    „Ако ја гледате рутата на бегството, патот не беше директен, туку низ регионот и ова е некаква регионална соработка која не помага и не ми се допаѓа. И им го ставив на знаење јасно на сите колеги во регионот. Немам докази дека соседните земји се инволвирани, но не сум ни наивен“, рече Хан и додаде: „Јавно кажав дека сакам повеќе детали и бев информиран оти Унгарија си ги следи процедурите за азил и дека тоа значи оти е билатерално прашање помеѓу кандидатот за азил и властите и нема обврска да се кажат јавно причините за давањето азил некому. Но се разбира, ова, во најмала рака, апсолутно не помага. Би било најдобро да му се суди во земјата каде е сторено делото и во согласност со правната држава“.

    Претходно, државниот обвинител Љубомир Јовески ни изјави дека по проверка на снимките на граничните премини кон Албанија, нема ни сенка од бегалецот. Засега, сигурно е дека тој не ја напуштил Македонија на законските гранични премини и оти никој од граничните полицајци не е вмешан во помагање на бегството.

    Не се знае што содржат снимките од Албанија.  Дали содржински се од преминувањата само на легалните гранични премини од 9 ноември 2018 кога го снема Груевски, до неговото прво јавување од Унгарија дека е на сигурно, на 13 ноември? Дали на нив има снимки и од безбедносни камери од споредни патчиња што ги користат мештаните од Македонија и Албанија, дали се гледа кој го пречекал и кој му помогнал отаде границата на албанска територија, не се знае дали воопшто го има на тие снимки, и обвинителството не може да претпоставува додека не го добие хард дискот со снимките.

    За разлика од албанските, на црногорските власти им требаше само две недели да ѝ ги дадат на Рускоска снимките од камерите од граничните премини кога Груевски влегува и кога излегува од Црна Гора, користејќи го правото да патува низ овие земји (вклучително и Србија), само со лична карта.

    Од Владата велат дека истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал мора да заврши, пред да се објавуваат детали во јавноста, „особено заради тоа што се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека се инволвираат граѓани на трети земји“.

    Седум граѓански организации вчера побараа оставки да поднесат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Николовски и директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Зоран Иванов, зашто сметаат дека тие мора да понесат политичка одговорност за бегството на Груевски.

    Владата на тоа соопшти дека ги уверува јавноста и граѓанските организации оти „ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка со која пред правдата ќе бидат изнесени сите личности кои учествувале или го помагале бегството“ на осудениот поранешен премиер Груевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира