ЧАВКОВ ОД БЈБ И АТАНАСОВСКИ ОД УБК, ОДГОВОРНИ ЗА 27 АПРИЛ И СОПКИТЕ ЗА СЈО ДЕНЕСКА ЌЕ БИДАТ РАЗРЕШЕНИ

    ЧАВКОВ ОД БЈБ И АТАНАСОВСКИ ОД УБК, ОДГОВОРНИ ЗА 27 АПРИЛ И СОПКИТЕ ЗА СЈО ДЕНЕСКА ЌЕ БИДАТ РАЗРЕШЕНИДиректорот на УБК Владимир Атанасовски ѝ правеше опструкции и не ѝ дозволуваше на специјалната обвинителка Катица Јанева да влезе по докази за прислушувањето во просториите на Управата, иако имаше судски налог. - На 21 октомври минатата година, Јанева наиде на затворена врата во МВР и десетина минути се натегаше со портирот да ја пушти.

    Митко Чавков, директор на Бирото за јавна безбедност и Владимир Атанасовски, шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, денеска се очекува да бидат разрешени од функциите на владина седница, но за првпат од осамостојувањето на Македонија, со сомневања за тешки злоупотреби во вршењето на функциите на овие две клучни директорски места во Министерството за внатрешни работи.

    Чавков во извештајот на Работната група во МВР за расветлување на одговорноста за крвавите настани во Собранието на 27 април е посочен како најодговорен за недавањето наредби на полицијата да постапи и да ги спаси животите на пратениците од СДСМ и од парламентарното мнозинство, во нападот на насилниците кои упаднаа таа вечер во Парламентот. Извештајот е предаден во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое пред десетина дена соопшти дека има индиции дека нападот во Собранието бил организиран.

    А токму Чавков во извештајот е посочен дека не реагирал и оставил да тече крвавиот напад во кој имаше обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, а со повреди и рани во главата од удари со мебел и други тешки предмети се здоби премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министерот за земјоделие Љупчо николовски и други стотина пратеници од мнозинството, полицајци, припадници на собраниското обезбедување, новинари и граѓани.

    За 35-годишниот Владимир Атанасовски, кој за директор на УБК беше назначен на први септември, лани, се дозна ноќта меѓу 21 и 22 октомври кога ѝ правеше опструкции и не ѝ дозволуваше на специјалната обвинителка Катица Јанева да влезе по докази за прислушувањето во просториите на Управата, иако имаше судски налог.

    И покрај опструкциите на Атанасовски, Јанева успеа да влезе во УБК и да ги одземе сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите, како и книгите за евиденција, како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникациите. На 28 октомври лани таму влезе и експерт од производителот на опремата за прислушување во УБК „Ериксон“, кој ги извлече податоците од помошните сервери кои се во сопственост на телекомуникациските оператори, а физички се наоѓаат во Управата.

    По еден месец СЈО отвори истрага „Таргет“ и ја шокираше јавноста кога откри дека од материјалните докази што ги одзела Јанева од УБК, како и од вратените податоци од серверот кои во меѓувреме додека дојде експертот биле бришени во УБК, се утврдило дека прислушувањето, всушност и не престанало воопшто, откако пукна аферата со бомбите.

    Остана сомнежот дека Атанасовски , како и неговиот претходник Љупчо Андоновски, продолжиле со нелегалното прислушување и по обелоденувањето на истрагата за „Таргет“ на 18 ноември лани, бидејќи работа беше на Јавниот обвинител на РМ да ги истражи тврдењата на СЈО и да ги искористи нивните доказите за отворање нов случај за нелегално порислушување, врешено по 2015 година.

    Владимир Атанасовски има и друга одговорност, за попречување на обезбедување на докази за судскиот процес против поранешниот шеф на Петтата управа во МВР Горан Грујовски за палење на списи и докази за прислушувањето.

    Со месеци директорот Атанасовски, и покрај инсистирањето на судијката Лидија Петровска од Основниот суд Скопје 1, на СЈО и на обвинителката Ленче Ристовска воопшто не сакаше ни да ги прими барањата од СЈО за декласифицирање на податоци од УБК, кои смееја да се декласифицираат, па комуникацијата СЈО ја вршеше преку техничкиот министер за внатрешни работи Агим Нухиу.

    За попречување на истрагата „Трезор“ и за одбивање да даде податоци на Специјалното јавно обвинителство дали опремата за прислушување во УБК набавена преку фирмата „Финзи“ е инсталирана во МВР, како и попис за видот и количината, Атанасовски беше казнет од Основниот суд Скопје 1 на барање на СЈО со парична казна од 2.500 евра.

    Атанасовски, исто така, се посочува и како еден од најодговорните фактори за настаните на 27 април. Обвинителството ќе треба да каже дали и тој е дел од организираниот напад на Собранието.

    „УБК до Оперативниот штаб на МВР не доставила проценка за безбедносната состојба во Македонија, обврска која произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. И недостатокот од оперативно-разузнавачки информации и сознанија влијаел на процесот на процената на безбедносната проценка и донесувањето одлуки“, стои во извештајот на работната група.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира