ЧАВКОВ И ПРАТЕНИЦИТЕ ПРЕД СУД ГОДИНА И ПОЛ ПО ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО

    ЧАВКОВ И ПРАТЕНИЦИТЕ ПРЕД СУД ГОДИНА И ПОЛ ПО ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТОЗа терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста обвинети се 28 лица, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието се товарат за помагање за истото кривично дело. Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, како и Митко Чавков, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на Оперативниот штаб на МВР за време на нападот, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР (Фото: СДК.МК)

    Судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 почнува утре, 22 август, во 10 часот во Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Закажани се вкупно 37 термини за главната расправа. Предметот ќе го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска.

    За терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста обвинети се 33 лица, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието се товарат за помагање за истото кривично дело, според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март годинава.

    Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски. Покрај пратениците обвинети се и Митко Чавков, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на Оперативниот штаб на МВР за време на нападот на Собранието, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.

    Откако речиси една година беа во бекство, тројца обвинети, меѓу кои и Александар Василевски – Нинџа, во јуни сами се предадоа во Истражниот затвор во Шутка. Вечерта на 27 април 2017 Нинџа по мобилен телефон комуницирал со брат му Благоја Василевски, кој го обезбедуваше тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на краткиот службен пат во Виена баш тој ден кога беше извршен упадот во Собранието и беа тешко повредени пратеници, новинари и вработени од собраниското обезбедување.

    Од кого и како е организиран и планиран нападот, засега за обвинителството останува мистерија. Според Обвинителството, во истрагата за тоа не зборуваа ни Митко Чавков, ни петтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а ни останатите 24 обвинети кои беа или уште се во притвор. Но, Државниот обвинител Љубомир Јовески ни изјави дека истрагата за организаторите на нападот на Парламентот продолжува да се води.

    Јовески потврди дека дисциплинска одговорност ќе се бара и меѓу јавните обвинители во врска со неповедување или задоцнето поведување истраги за насилствата во Собранието, а ова го истражуваат Вишото и Републичкото Јавно обвинителство. Дисциплинската постапка уште не е завршена.

    „Одговорност се истражува кај двете надлежни обвинителства за кривично-правните настани во законодавниот дом. Тоа се Основното јавно обвинителство – Скопје и Обвинителството за организиран криминал и корупција“, рече Јовески.

    Најголемата штета што ја предизвикале ОЈО Скопје на чело со Државниот обвинител Марко Зврлевски и ОЈО за организиран криминал е што дозволиле првин експресно да се расчисти собраниската прес-сала и да се скријат многу битни докази, што оставиле доволно време непознати лица да украдат и уништат клучни снимки од собраниските камери за конкретни дејства на учесници и организатори на сценариото за нападот, но и за присуство и движење на одредени лица во Собранието, потоа да се уништат цели мобилни телефони, вибер и други заштитени комуникации, но и приватни снимки од мобилни телефони на лица од толпата кои ги снимаа насилствата.

    Затскривајќи се зад неколкуте истраги што ги отворија овие две обвинителства колку да се рече дека ги отвориле, тие цела пролет и цело лето всушност не презедоа ништо да се расветлат овие насилства.

    Дури по смената на Зврлевски, обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска првин во октомври лани за првпат направи реконструкција на нападот и насилствата во Собранието, а дури следниот месец за првпат во обвинителството беа повикани на сослушување пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ. За нив имаше снимка од собраниските безбедносни камери уште прв ден во Обвинителството, но истрагата нив долго време не ги чепкаше.

    Сè до ноември лани не беа вознемирувани ни Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, ни другите пратеници кои ги насочуваа и распоредуваа насилниците низ Собранието.

    Судијката Славица Андреевска на 5 јули годинава ги изрече пресудите за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села при нападот на Собранието лани на 27 април. Кире Ѓорѓиевски доби затворска казна од 13 години, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира