ФИЛИПЧЕ ПОБАРА ДА СЕ КАЗНИ ОРГАНИЗАТОРОТ НА КОНЦЕРТОТ НА ПЕТАР ГРАШО ВО ХЕРАКЛЕЈА ШТО МИНА БЕЗ МАСКИ И ДИСТАНЦА

    ФИЛИПЧЕ ПОБАРА ДА СЕ КАЗНИ ОРГАНИЗАТОРОТ НА КОНЦЕРТОТ НА ПЕТАР ГРАШО ВО ХЕРАКЛЕЈА ШТО МИНА БЕЗ МАСКИ И ДИСТАНЦАНа концертот на хрватската ѕвезда Петар Грашо во четвртокот, античкиот локалитет Хераклеја во Битола беше преполн, не се одржуваше дистанца, а голем број од присутните не носеа маски. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за здравство Венко Филипче попладнево преку фејсбук статус побара надлежните инспекции да го казнат организаторот на концертот на хрватската ѕвезда Петар Грашо на античкиот локалитет Хераклеја во Битола. Филипче бара соодветни санкции за организаторот бидејќи не го почитувал протоколот за одржување концерти, кој Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести го подготвувале заедно со организаторите на настани и манифестации. На концертот на Грашо во четвртокот, Хераклеја беше преполнa, не се одржуваше дистанца, а голем број од присутните не носеа маски.

    „Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеја во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 отсто публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 метар, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител“, напиша Филипче на Фејсбук.

    Министерот вели дека организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира