ГРИЖАТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ Е ВО СПРОТИВНОСТ СО НАШИТЕ БАРАЊА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ЗА ЗАКАНАТА ЗА ВЕТО ОД БУГАРИЈА

    ГРИЖАТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ Е ВО СПРОТИВНОСТ СО НАШИТЕ БАРАЊА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ЗА ЗАКАНАТА ЗА ВЕТО ОД БУГАРИЈАВо име на европските вредности и заедничката ЕУ иднина, од Владата го осудуваат говорот на омраза во двете земји и апелираат да не се шири омраза во кој било правец. Премиерите Заев и Борисов (Фото: Ѓ. Личовски)

    Грижата за националниот интерес, правото на самоопределување на македонскиот народ и нашата европска иднина, не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни, велат од Владата за синоќешниот состанок во Берлин меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот Никола Димитров и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

    Захариева утрово изјави дека Бугарија сè уште не е подготвена да одобри почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и дека во преговарачката рамка треба да биде вметнато дека Македонија се откажува од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија.

    Попладнево од Владата брифираа дека се благодарни што Германија како претседавач со ЕУ покажува засилен ангажман за исполнување на заедничката цел, одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Северна Македонија, како значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, што е во интерес на сите.

    „Честите контакти и средби на високо ниво се во функција на поголемо разбирање со соседна Бугарија. Овие комуникации водат кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите. Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања. Веруваме дека историските прашања кои се дел од заедничката историја може да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања и веруваме дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји“, брифираат од Владата.

    Во име на европските вредности и заедничката ЕУ иднина, од Владата го осудуваат говорот на омраза во двете земји и апелираат да не се шири омраза во кој било правец.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира