СО ГРУЕВСКИ И СТАРОТО РАКОВОДСТВО НА ВМРО-ДМПНЕ ЌЕ ПОЧНЕ СО РАБОТА НОВИОТ КРИВИЧЕН СУД

    СО ГРУЕВСКИ И СТАРОТО РАКОВОДСТВО НА ВМРО-ДМПНЕ ЌЕ ПОЧНЕ СО РАБОТА НОВИОТ КРИВИЧЕН СУДСудското рочиште за предметот „Титаник“ во кој Груевски и неговите сопартијци се обвинети за злосторничко здружување за изборен криминал во периодот од 2011 до 2014, почнува в понеделник во големата сала на новиот Кривичен суд; - Вчера судот се чистеше пред денешното свечено отворање. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во новата зграда на Кривичниот суд, прво рочиште ќе биде за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, каде обвинети за изборни нерегуларности се поранешниот премиер Никола Груевски и 20 негови најблиски соработници од тогашниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

    Судското рочиште за предметот „Титаник“ во кој Груевски и неговите сопартијци се обвинети за злосторничко здружување за изборен криминал во периодот  од 2011 до 2014, почнуваат в понеделник во големата сала на новиот Кривичен суд, потврди вчера претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев.

    „Церемонијата на свечено отворање на новата зграда е в сабота, а од понеделник ќе почнат во него да се одржуваат судења. Судот не е целосно опремен, но големата судница е спремна и в понеделник таму ќе се одржи првото рочиште за случајот ‘Титаник‘. Другите судници и простории полека се опремуваат“, рече Џолев.

    Никола Груевски, тогашниот министер за правда Михајло Маневски, тогашниот Јавен обвинител Љупчо Шврговски и сегашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски на поставувањето камен темелник на Кривичниот суд на 29 мај 2010 (Фото: Министерство за правда)

    Случајот „Титаник“ е првиот случај што го отвори СЈО, а чие обвинение беше оценето последно. Има 21 обвинет и секој од нив ќе има по неколку адвокати. Откако беше закажано првото рочиште за 2 април, Џолев и петчлениот судски совет побараа од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски судењето да се одржи во големата сала на Врховен, но тој ги одбил. Пречки за одржување на судењето сега нема да има, бидејќи новата зграда на Кривичен суд денес ќе биде пуштена во употреба.

    Новиот Кривичен суд почна да се гради на 29 мај 2010, кога министер за правда беше Михајло Маневски (Фото: Министерство за правда)

    Новиот Кривичен суд почна да се гради на 29 мај 2010, кога министер за правда беше Михајло Маневски. На поставувањето на камен темелникот покрај Маневски присуствуваа тогашниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и тогашниот Јавен обвинител Љупчо Шврговски.

    Маневски тогаш рече дека зградата ќе биде готова за 18 месеци, дека изградбата чини околу 8,5 милиони евра и се финансира со пари од Светска банка и буџетот на државата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира