Во писмо од 1 ноември, 2013 до тогашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе, тогашниот македонски премиер Никола Груевски му објаснува како македонската Влада се грижи за владеењето на правото во двата контроверзни случаи, затворската пресуда за новинарот Томислав Кежаровски и апсењето и притворот на Мирослав Шиповиќ, претседавачот на Советот на Општина Центар, во тоа време единствената скопска општина во која на власт беше опозициската СДСМ.
Во писмото до кое дојде САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Европската унија, Груевски на две и пол страници, како што вели „споделува информации за двата случаја поврзани со владеење на правото кои неодамна предизвикаа интерес и внимание кај нашите европски и меѓународни партнери“.
Новинарот Томислав Кежаровски во 2013 беше обвинет и осуден на 4,5 години затвор за наводно обелоденување на идентитет на заштитен сведок, кој самиот на суд призна дека дал лажен исказ под притисок на полицијата. Тој помина седум месеци во притвор во „Шутка“ и 15 месеци во куќен притвор.
Претседавачот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ во февруари, 2014 беше првообвинет во случајот „Претседавач“, како член на раководството на фирмата „Машинопромет“. Шиповиќ и уште 11 други лица, од кои две на функции во Управата за јавни прихиди, беа обвинети дека како членови на управниот и надзорниот орган на „Машинопромет“ или сопственици на други фирми направиле злоупотреба на службена положба и овластување и помогање при што направиле штета од милион евра. По Шиповиќ МВР имаше меѓународна потерница и беше уапсен на виенскиот аеродром, па екстрадиран во Скопје каде пред судењето беше во притвор повеќе од 3 месеци, а Кривичниот суд неколкупати одби да го укине притворот и да дозволи тој да се брани од слобода. Во јавноста овој случај беше перципиран како политички монтиран, оти Шиповиќ беше уапсен во борбата околу носењето на проблематичните Детални урбанистички планови „Тасино Чешмиче – 1“ и „Капиштец – Водно“ во Центар, при што советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа против решението за нивно стопирање на градоначалникот Андреј Жерновски. Откако почна судењето на Шиповиќ тој претседаваше со седниците на кои беа сменети ДУП-овите со 12 гласа на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот воздржан. Една година подоцна, со „бомбите“ СДСМ откри дека плановите се менувале по налог на Груевски зашто тој од тоа имал личен интерес.
Судскиот процес против Мирослав Шиповиќ беше наведен и како пример за селективни гонења, политички затвореници и судски притисоци во Годишниот извештај за почитување на човековите права во светот во 2014 на американскиот Стејт Департмент.
Во писмото до еврокомесарот Филе, пред да даде детали за обата случаи, Груевски истакнува дека „Владата на Република Македонија целосно го почитува принципот на поделба на законодавна, извршна и судска власт и никогаш не се меша во одлуките донесени од страна на судот. Ова е наша постојана позиција како Влада и мој цврст личен став како премиер“.
Груевски го уверува Филе дека „Кежаровски не бил суден заради јавно изразување на неговите мисли, што без сомнение би претставувало прекршување на слободата на изразување и слободата на медиумите, туку затоа што го прекршил Законот за заштита на сведоците, што претставува кривично дело“.
„Сметам дека јавното оценување и коментирање на пресудата во оваа фаза, пред да стане конечна и да се донесе во писмена форма, само создава недоразбирања и индиректно влијае врз судот и создава притисоци врз него“, му пишува тогашниот премиер Груевски на еврокомесарот Филе.
Натаму тој детално го опишува делото во случајот за кој се суди Шиповиќ, и вели:
„Судот одреди мерка притвор за седум од пријавените лица, вклучувајќи го и г. Шиповиќ како првообвинет. Министреството за внатрешни работи дејствуваше неселективно и недискриминирачки во согласност со Уставот и релевантните закони, без разлика на нечија политичка наклоност или политичка позиција. Во ниту еден единствен случај не беше нарушен принципот на пресумпција на невиност на обвинетите. Напротив, ширењето на имињата, лажното политизирање на случајот со истовремено јавно бранење на обвинетите без повикување на фактичката ситуација и отворено вербално напаѓање на државните институции од трети страни доведе до неоправдан јавен притисок врз судството и институциите одговорни за спроведување на законот. Верувам дека ќе се согласите дека државните институции не можат да потклекнат пред таквите политички притисоци кои пропагираат нееднаквост пред законите помеѓу граѓаните“, му пишува премиерот Груевски на еврокомесарот Филе.
На крајот, Груевски вели дека „би сакал да ги разобличам сите наводи за какво било лошо постапување на Владата во однос на овие два случаја и да изразам уверување дека Владата ќе продолжи целосно да се придржува на владеењето на правото, да не се меша во овластувањата на судската власт и да ги почитува конечните судски одлуки“.