ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА ЗА ДОНИРАЊЕ КРВ И ХРАНА ВО АМБАСАДАТА НА САД ВО СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД НАПАДИТЕ НА 11 СЕПТЕМВРИ 2001

    ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА ЗА ДОНИРАЊЕ КРВ И ХРАНА ВО АМБАСАДАТА НА САД ВО СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД НАПАДИТЕ НА 11 СЕПТЕМВРИ 2001Амбасадорката на САД Кејт Брнз, која и сама донираше крв, рече дека оваа акција е блескав пример како заедницата составена од луѓе со различни етнички, верски и политички верувања може да направат позитивна промена. (Фото: К. Попов)

    Хуманитарна акција за донирање храна и крв денес во амбасадата на САД се одржува по 11 пат, заедно со Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина. Американската амбасадорка Кејт Брнз, која и сама донираше крв, повика на вклучување во акцијата што ќе трае до 16 часот. Таа им се заблагодари на присутните кои дојдоа да донираат на денот на сеќавање на жртвите од нападите врз САД на 11 септември 2001.

    „На овој ден се сеќаваме на околу 3.000 луѓе кои ги загубија животите во терористичките напади и им оддаваме почит со тоа што се обидуваме да направиме добро што ќе поделиме со заедницата. Нашата амбасада 11 години во Скопје со колеги и пријатели во Северна Македонија организира донирање крв и храна и секоја година се зголемуваат донациите. Минатата година 400 луѓе донираа крв и тоа е најголема бројка досега, а имаме најава дека специјалната единица на армијата на Северна Македонија ќе прати 50 војници“, рече Брнз.

    Таа рече дека оваа акција е блескав пример како заедницата која ја сочинуваат луѓе од различни етнички, верски и политички верувања може да направат позитивна промена. Ги раскажа сториите на првите тројца кои стигнале на местото и ги дале своите животи помагајќи им на илјадници да се спасат од зградите кои горат во Њујорк.  Брнз се заблагодари на сите волонтери од Црвениот крст како и на сите вработени од Институтот за трансфузиона медицина.

    „Ова е пример за соработката меѓу двете земји, и мал начин да ја искажеме поддршката на Северна Македонија од скоро две децении за партнерство и заедничко жртвување против насилниот екстремизам“, рече Брнз.

    Саит Саити од Црвениот крст рече дека за десет години соработка со амбасадата на овој настан имале 2.200 дарители на крв, биле донирани 12 тони храна, 250.00 денари, со кои направиле 1.880 пакети со кои помогнале на 7.520 лица.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира