КОРУПЦИЈАТА ДАВА ПЛОДНА ПОЧВА ДА ЦВЕТААТ ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ВЕЛИ ЕЛИЗАБЕТ АЛЕН, ПОТСЕКРЕТАРКА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    КОРУПЦИЈАТА ДАВА ПЛОДНА ПОЧВА ДА ЦВЕТААТ ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ВЕЛИ ЕЛИЗАБЕТ АЛЕН, ПОТСЕКРЕТАРКА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТЌе продолжиме да се фокусираме со владата и со нашите партнери од граѓанското општество, на напорите за борба против корупцијата и на напорите за владеење на правото, вели Ален. (Фото: К. Попов)

    Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот на САД, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува за борбата против странските штетни влијанија и ширењето на дезинформациите, како и за можностите за проширување на американската помош за реставрација на спомениците во чест на борбата против фашизмот во Македонија во Втората светска војна. Во текот на еднодневната посета на Македонија, Ален вчера беше на археолошиот локалитет Стоби и се сретна со претставници на невладиниот сектор кои работат на програми за спречување на дезинформациите и за медиумска писменост. Со посетата на Македонија, Ален ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

    • Македонија, но и регионот се особено ранливи за странско штетно влијание. Се чини дека овие актери на штетно влијание се, всушност, секогаш чекор понапред, пред сите безбедносни напори. Така, се чини дека можеби има потреба од промена на стратегијата за безбедност. Во таа смисла, кои се главните точки за обезбедување на регионот и на Македонија против странското штетно влијание?

    (Фото: К. Попов)

    – Странските штетни влијанија е една од главните теми на моето патување овде во регионот. Луѓето секој ден, насекаде се погодени од странско штетно влијание. Ќе зборувам за странско штетно влијание во информацискиот простор. Секако, хардверот, мрежите 5Г и другите работи по кои течат информации се фактор во однос на нивното обезбедување од сајбер напади. Но, мојот особен фокус беше на странско штетно влијание во смисла на манипулација со информации и дезинформации. А она што го знаеме е дека Русија и другите, но особено Кремљ, користи дезинформации, користи странско штетно влијание во информативниот простор за да сее хаос овде во регионот, да ја поткопа вербата и кредибилитетот и институциите, да сее поделба. Знаеме дека тоа не е во интерес на Кремљ. Тие не мислат дека е во нивен интерес регионот на Западен Балкан да биде усогласен со Европа и да биде вкоренет во евроатлантската заедница.  Знаеме дека Русија користи информации на манипулиран начин за да се обиде да ги принуди луѓето против таа идеја. И затоа многу размислуваме како да се бориме против тоа. А, еден од начините на кои тоа го правиме е преку договори со странски влади и наши колеги, да имаме повеќе решенија и поголема соработка против ова прашање.

    Првиот пат кога потпишавме договор меѓу САД и друга земја, конкретно за спротивставување на странско штетно влијание, беше токму со Северна Македонија, пред една година. А денеска потпишав договор од сличен вид, во Косово. Мислам дека една од работите што беше корисна е да се пристапи кон ова како прашање на политики, да се потпишат договори или да се дизајнираат механизми кои всушност ќе им дадат на владите начини да ја зголемат соработката. Знаете, начинот на кој го гледаме странското штетно влијание во информативниот простор е таков што мораме да ја направиме и публиката поотпорна. Не станува збор само за борба против штетните информации или дезинформации. Иако, мораме да го направиме тоа, мораме да ги анализираме и да ги разобличиме. Но, ние, исто така, треба да се погрижиме да има поздрави информации кои влегуваат во информативниот простор и мораме да ја направиме публиката поотпорна.

    • Што значи тоа, особено овде во Македонија?

    – Овде, тоа значи тоа е дека ќе продолжиме да покажуваме поддршка за независните медиуми. Знаеме дека информациите и интегритетот на известувањето на независните медиуми помагаат луѓето да бидат поинформирани. Така, овде, во медиумски простор кој е толку густ и толку заситен со различни медиуми на различни нивоа на независност, дел од нашата политичка агенда и нашата работа со владата ќе биде да продолжиме да ги поддржуваме независните медиуми. Слично на тоа, ќе се погрижиме да ги поддржиме напорите за медиумска писменост. Имав тука дискусија на состанок со луѓе кои работат на спротивставување на странските штетни влијанија и дезинформации, низ целиот опсег. А еден од најинтересните делови од разговорот беа ефективни програми за медиумска писменост и како да се осигураме дека помагаме да ги научиме луѓето како да бидат подобри потрошувачи на информации за да ги разликуваат, на пример, пропагандата и независните информации. Последната точка што ќе ја напоменам за ова е дека ние исто така гледаме врска помеѓу корупцијата и можноста да цветаат дезинформации. Значи, ќе продолжиме да се фокусираме овде во Северна Македонија, со владата и со нашите партнери од граѓанското општество, на напорите за борба против корупцијата и на напорите за владеење на правото.

    • Поддршката на САД за заштитата на културното наследство во Македонија досега е значителна и има огромен напредок во зачувувањето на археолошките локалитети, како и на византиското наследство. Но, една тема многу јасно се наметнува, а тоа се многуте споменици кои ја чествуваат борбата на македонскиот народ против фашизмот во Втората светска војна. Сите тие споменици се изградени во 1960-тите или 1970-те години и се во многу лоша состојба. Повеќето од нив се и меморијални парковски комплекси. Но, локалните самоуправи едвај може да се грижат само за хортикултурно одржување. Спомениците не се реставрирани од кога се изградени. А тие се многу важни, не само затоа што ја одбележуваат борбата против фашизмот, туку и затоа што се вредни уметнички дела, дела на најпознатите македонски уметници од тоа време и во македонската современа историја на уметност. Дали САД може да понудат поддршка за обновувањето на овој вид културно наследство?

    (Фото: К. Попов)

    – Многу ми е мило што ме прашавте и ми укажавте за ова. Мислам дека општо земено, се разбира, секогаш бараме можности да ја истакнеме борбата за демократија и да застанеме во согласност со демократските вредности. Па, ќе ги разгледаме можностите и за ваква поддршка. Јас лично не сум запознаена со некои конкретни програми, но ние имаме нешто што се нарекува Фонд на амбасадори за зачувување на културата, и многу сме горди на оваа програма. Ова е програма која започна во САД во 2001 година. И тоа е единствената форма на американска директна поддршка за програмите за културно наследство. И за жал, ширум светот, побарувачката за наша поддршка за вакви работи ја надминува нашата способност да ги финансираме сите, како што може да си замислите. Затоа што на повеќето места, вклучително и овде во Северна Македонија, зачувувањето на историјата, особено поврзано со демократските вредности, е нешто што нè тера да градиме подобра иднина.

    Јас сум голем поборник на тоа дека да се разбере нашето минато значи да ни помогне да изградиме каква иднина сакаме, да ја знаеме борбата што постоела, на пример. Навистина сме горди на оваа програма каде што можеме да ги истакнеме тие нешта. Денеска го посетив Стоби, кој е неверојатно импресивен со својата историја. Тоа е програма што почнавме да ја финансираме во 2003 година и можевме да обезбедиме континуирана поддршка. И не станува збор само за зачувување на културата и разбирањето на историјата и ценењето на историјата, туку и за создавање економски просперитет и привлекување туризам во ваквите места низ Северна Македонија. Значи, ова е нешто што се обидуваме да го направиме низ целиот свет. Ние сме многу посветени да работиме со партнерските земји за да ја зачуваме таквата историја. Тоа е многу горд облик на нашето партнерство.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира