ЛЕГИТИМИРАЊЕ, АПСЕЊЕ И КАЗНИ ЗА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

    ЛЕГИТИМИРАЊЕ, АПСЕЊЕ И КАЗНИ ЗА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

    Апсење, легитимирање и казни за активисти на Шарената револуција е епилогот по вчерашниот протест.

    Инцидентите се случија по завршување на протестот околу 21.30 часот. Со спектакуларна акција на единицата „Алфа“ пред Шпанската амбасада беше уапсена глумицата Симона Спировска, истакната граѓанска активистика. Таа подоцна од полициската станица „Центар“ излезе со прекршочна пријава изречена по Законот за јавна чистота. „И покрај казната, ќе продолжам да протестирам“, изјави Спировска. Рече дека ја привеле во полиција оти немала со себе лична карта.

    Протестот почна традиционално пред Специјалното јавно обвинителство. На пат кон Собранието демонстрантите со два компресора ја шараа барокната фасада на Министерството за правда, додека од спротивната страна кордон полицајци кај споменикот на Христо Узунов го блокираше пристапот кон Плоштад Македонија. Демонстрантите извикуваа „Полициска држава“ и побараа од еден од полицајците на микрофон да се обрати на демонстрантите но тој одби па тие продолжија кон Собранието.

    Место да ги слушаат предвидените говори пред Собранието, демонстрантите добија повик да се упатат на булеварот Кочо Рацин кај Црвен крст, каде што полицијата го сопре комбето на Шарената револуција и ги легитимира возачот и совозачот. Комбето го возеше пратеничката Лидија Димова од СДСМ. Таа куртули од казна оти демонстрантите во огромен број дојдоа на булеварот, го обиколија комбето, а полицијата отстапи.

    По овој судир, демонстрантите тргнаа кон улица Бихаќска кај станот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но демонстрантите задолжени за безбедноста на протестите го сопреа походот кај семафорите и не дозволија понатамошно движење. Тогаш Шарената револуција пак се врати пред Собрание. Додека едни мирно протестираа, дел испоседнати на троторарот, дел застанати на булеварот, кордон полиција го чуваше споменикот на Прометеј во паркот „Жена-борец“. Шарените се обидоа овој споменик да го урнат на протестот минатиот понеделник, но синоќа не им беше дозволено ниту да му се доближат.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари