МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА НУРЕДИНИ Ѝ ПРЕДЛОЖИЛ НА ВЛАДАТА СИТЕ ИНСПЕКЦИИ И ПОЛИЦИЈАТА ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО СПРАВУВАЊЕ СО ЗАГАДУВАЧИТЕ НА ВОЗДУХОТ

    МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА НУРЕДИНИ Ѝ ПРЕДЛОЖИЛ НА ВЛАДАТА СИТЕ ИНСПЕКЦИИ И ПОЛИЦИЈАТА ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО СПРАВУВАЊЕ СО ЗАГАДУВАЧИТЕ НА ВОЗДУХОТНа предлог на министерот Насер Нуредини Владата ќе разговара за вклучување на сите инспекции и МВР во справување со загаденоста - премиерот Заев и министерот Насер Нуредини (Фото: СДК.МК)

    Во справување со загадувањето на воздухот ќе бидат вклучени сите инспекции и министерството за внатрешни работи, најави денес премиерот Зоран Заев, на отворањето на новиот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија. Тој рече дека денес владата ќе расправа за ова прашање и дека на предлог на министерот за животна средина Насер Нуредини да се вклучат сите инспекции и МВР во справување со оние кои нелегално палат огнови или го загадуваат воздухот. Тој рече дека Владата инвестира сериозни средства во справување со аерозагадувањето на воздухот, преку промена на системите за греење во јавните установи, пред сѐ градинките, училиштата и болниците, во обновливи извори на енергија, во јавниот превоз и директен мониторинг на индустриските капацитети.

    „Се реализираат активностите од планот за чист воздух, кој е 1,2 милиони евра од годишната програма, потоа над 10 милиони евра за инверторите, во детските градинки и училиштата инвестираме во прочистувачи на воздух. Според податоците што ги имам над педесетина проценти од загадувањето е од затоплувањето, околу 27 отсто од превозот и остатокот од други извори. Знаете дека има палења на огнови на отворено, и непочитување на законите. Денес на предлог на министерот Нуредини ќе разговараме токму за вклучување на сите инспекции и МВР во справување со овој проблем. Почитувањето на интегрираните еколошки дозволи за работа на индустриските објекти исто така е многу важно“, рече Заев.

    Изминатите неколку дена Скопје и Куманово повторно беа меѓу најзагадените градови во светот. Во Куманово локалната самоуправа се пожали дека најголем дел од загадувањето е од начинот на греење на болницата, а на прашањето како токму болниците се најголеми загадувачи, Заев рече дека со планот за чист воздух се инвестира токму во промена на системите за греење со замена на нееколошките горива со гас и електрична енергија.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека за кумановската болница се предвидени средства и дека имаат готов проект кој технички требало да се промени, заради новиот ургентен центар во оваа болница. Тој кажа дека што завршат со тоа ќе почнат со работа на терен, а за гинеколошката болница во Чаир веќе е завршена постапката за гасификација и таа ќе почне наскоро.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира