МИНИСТРИТЕ НА СЛОВЕНИЈА, АВСТРИЈА И ЧЕШКА ГО ПОДДРЖАА ПОРТУГАЛСКОТО РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ СО БУГАРИЈА, ОСМАНИ ВЕЛИ СЕ ОТВОРА ПАТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА

    МИНИСТРИТЕ НА СЛОВЕНИЈА, АВСТРИЈА И ЧЕШКА ГО ПОДДРЖАА ПОРТУГАЛСКОТО РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ СО БУГАРИЈА, ОСМАНИ ВЕЛИ СЕ ОТВОРА ПАТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТАМинистрите за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, на Словенија Анже Логар и на Чешка Јакуб Кулханек денеска во Скопје на средба со министерот Бујар Османи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министрите за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, на Словенија Анже Логар и на Чешка Јакуб Кулханек денеска во Скопје го поддржаа предлогот на португалското претседателство на ЕУ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Тројцата министри по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи кажаа дека сега е време ЕУ да го испорача ветеното на Македонија.

    Истакнаа дека времето е клучно и дека ниту ЕУ ниту Македонија не можат да си дозволат да се заглави со вакви историски спорови и барања, поради што сега е важно во јуни да се одржи планираната меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори. Тие ги повикаа и Бугарија и Македонија да го намалат тонот и емоциите оти договор мора да има, зашто не станува збор само дека Македонија ќе изгуби, туку дека и ЕУ да изгуби ако спорот не се реши и не почнат пристапните преговори.

    Министерот Османи повтори дека предлогот што вчера во Скопје и Софија го доставија португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји е добра основа за решавање на спорот, оти отвора пат за враќање и градење на довербата меѓу двете земји, пред се со имплементација на Договорот за добрососедство како основа за доверба.

    „Роковите се кратки, јунскиот самит е неповтролива можност која ни се нуди и треба да да се обидеме со добвра волја и со поддршката која ја добивме да ја искористиме. Ова е важно оти регионот се наоѓа пред критична точка на губење на доверата во кредибилитетот на европскиот процес“, рече Османи и додаде дека не мисли дека треба сега преку медиумите да се откриваат деталите од предлогот.

    Словенечкиот министер Логар кажа дека евроинтерграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе биде приоритет на словенечкото претседателство кое почнува од 1 јули. Тој кажа дека Словенија му дава големо значење на дијалогот и смета оти е добро што претседателите на Македонија и на Бугарија Стево Пендаровски и Румен Радев заедно во Рим ќе го одбележат Денот на словенската писменост Св. Кирил и Методиј, 24 Мај.
    Чешкиот министер Кулханек ја повтори чешката позиција дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за евроинтергацискиот процес на земјата.

    По средбите со Силва и Вархеји, бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев вчера кажа дека не треба да се очекува промена на политиката на Бугарија кон Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира