НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ БИЛ ВОДЕН ОД СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

    НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ БИЛ ВОДЕН ОД СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛСо намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден осомничените организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство, вели шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска која ја води истрагата и за нарачателите на нападот на Собранието

    Обвинителката Вилма Рускоска која ги води случаите за организираниот напад на Собранието, во соопштение потврди дека и во новата истрага за нарачателите и организаторите на нападот, предводен од Никола Груевски, Трајко Вељаноски и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, осомничените се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, дело за кое најмалата казна затвор е 10 години.

    Покрај Груевски, Вељаноски и Атанасовски, засега се осомничени и поранешниот министер Миле Јанакиески и разузнавачот Никола Бошкоски од УБК, кој е избеган во Грција.

    „Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите“, соопштува Обвинителството за организиран криминал.

    Во соопштението што доцна попладнево го објави Обвинителството за организиран криминал се вели: Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден осомничените организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови“.

    „Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните“, прецизира Вилма Рускоска.

    Таа бара притвор за осомничените. Јанакиески во Основниот суд Скопје 1 е веќе донесен од куќен притвор. Предмалку судијката Добрила Кацарска, која го завршува судењето на преостанатите неамнестирани обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, на чело со Митко Чавков, рече дека е во совет кој ќе одлучува за барањата на Рускоска за мерките притвор.

    Груевски и Бошкоски се во бегство.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари