НЕ Е КОРЕКТНО ЗА СОСЕДИТЕ ДА БРЗАМЕ СО ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИ И АЕРОДРОМИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕ Е КОРЕКТНО ЗА СОСЕДИТЕ ДА БРЗАМЕ СО ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИ И АЕРОДРОМИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо Грција од 15 јуни ќе може да влезат патници од 29 земји, меѓу кои Албанија, Австрија, Северна Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Словенија. Граничниот премин Богородица невообичаено празен во овој дел од годината (Фото: СДК.МК)

    Не треба да се избрзува со одлуката за отворање на границите, оти соседните земји ќе ја следат бројката на новозаболени од КОВИД-19 и нема да биде коректно кон нив, вели министерот за здравство Венко Филиче.

    За изминатите 24 часа, регистрирани се 89 нови позитивни случаи на коронавирус, од кои 35 се од Скопје.

    Министерот на денешната прес-конференција кажа дека за отворањето на границите ќе се разговара во Комисијата за заразни болести и во Владиниот кризен штаб во текот на неделата.

    „Сметам дека не треба да избрзаме со одлука во ситуација кога имаме зголемен број на дијагностицирани пациенти, и покрај тоа што кластерите се под контрола. Соседите ќе ја гледаат бројката и нема да биде коректно кон нив. Јас разговарав утрово со бугарскиот министер за здравство Кирил Ананиев и му кажав дека ќе дискутираме во овие следни денови. Ние повторно ќе се слушнеме до крајот на неделава“, кажа Филипче.

    Според него, ако соседните земји побараат тестирања на влез во нивните земји, ќе се дозволи но, вели тој, Србија и Бугарија ги отворија границите и не бараат тестови.

    Филипче исто така смета дека е рано и за отворање на аеродромите, бидејќи тоа „претставува дополнителен ризик и кон околните земји, но и при враќањето назад. Патувајќи, се зголемува ризикот да се зголемат бројките, бидејќи е голем ризикот да се донесе вирусот од другите земји. Ќе анализираме, рано е денес да се дискутира за тоа, но ја имаме цела недела“.

    Бугарија во петокот објави дека планира да го укине задолжителниот 14-дневен карантин од 1 јуни за патниците кои доаѓаат од повеќе земји членки на Европската Унија, освен за оние кои имаат високи бројки на новозаболени лица. Здравствените власти кажаа дека карантинот ќе биде задолжителен за патници од Шведска, Белгија, Ирска, Португалија, Шпанија, Италија, Малта и Велика Британија.

    „Планираме да го укинеме задолжителниот карантин за Бугарите кои се враќаат од странство и за патниците од ЕУ и Србија и Северна Македонија. Ќе го задржиме за осумте европски земји кои имаат најголем број на регистрирани случаи во изминатите две недели“, изјави директорот на Здравствениот инспекторат Ангел Кунчев.

    На 19 мај, српската премиерка Ана Брнабиќ кажа дека државјаните на Македонија од 1 јуни слободно ќе можат да влегуваат во Србија, без да мора да докажат дека имаат негативен тест на коронавирус. Истото ќе важи и за државјаните на Албанија, Црна Гора и БиХ.

    „Од 1 јуни почнува да важи слободниот режим на преминување на границата со четири држави во регионот, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Граѓаните на овие земји нема да имаат обврска да докажат дека имаат негативен тест на КОВИД-19. Ова и натаму ќе важи за странците од останатите држави“, изјави Брнабиќ.

    На 20 мај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави дека туристичката сезона во Грција официјално ќе почне на 15 јуни, а од 1 јули ќе бидат дозволени и меѓународни летови од речиси сите држави. Министерот за туризам Харис Теохарис изјави дека на туристите кои доаѓаат во Грција нема да им се бара потврда за негативен тест за коронавирус, ниту ќе одат во карантин, но властите го задржуваат правото да прават тестови по случаен избор.

    „Предност за влез во Грција ќе имаат туристите кои доаѓаат од земјите кои имаат добри резултати во борбата со коронавирусот“, кажа Теохарис, наведувајќи ги балтичките и балканските земји и земјите од северна Европа. За меѓународните летови до 1 јули ќе биде отворен само аеродромот во Атина, а хотелите и авиокомпаниите ќе мора да исполнат посебни здравствени протоколи, за да се спречи ширењето на коронавирусот во туристичките дестинации.

    Теохарис на 29 мај објави дека во Грција од 15 јуни ќе може да влезат патници од 29 земји, меѓу кои Албанија, Австрија, Северна Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Словенија.

    Црна Гора им забрани влез во земјата на државјаните на Македонија откако во изминатите денови имаше пораст на бројот на заразени со коронавирус. Црна Гора, која веќе нема активни случаи на коронавирус, денеска повторно ги отвори границите за странците, но Институтот за јавно здравје во меѓувреме ја ревидираше листата земји на чии државјани им е дозволен влез. На листата сега се наоѓаат 131 држава, откако беа исфрлени Македонија и Ирска, бидејќи тие ја надминуваат стапката од 25 заразени на 100.000 жители.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира