Од 11 часот в недела до 5 часот во вторник ќе трае полицискиот час за претстојниот продолжен викенд за празниците Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј, одлучи Владата.
„Следејќи ја моменталната епидемиолошка состојба со КОВИД-19, како и препораките на Комисијата за заразни болести, на денешната владина седница донесовме одлука за зголемена рестрикција на движењето на граѓаните за време на претстојниот празничен викенд. Се забранува движењето на сите граѓани на целата територија на државата почнувајќи од недела, 24 мај, во 11 часот до вторник, 26 мај, до 5 часот“, велат од Владата.
Утре забраната за движење останува иста како и за сите други денови, од 19 часот до 5 часот.
Комисијата за заразни болести во средата достави предлог до Владата полицискиот час викендов да трае од сабота во 19 часот до вторник наутро. Ваквиот предлог на Комисијата, како што објасни министерот за здравство Венко Филипче, произлегува од новиот број дијагностицирани пациенти со КОВИД-19, кои се јавиле поради непочитување на мерките да нема собири и групирање.
Премиерот Оливер Спасовски денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали има притисок врз Владата во врска со донесувањето на одлука за продолжен полициски час за престојниот викенд, кажа дека нема никој посилен од државата, ни функционер, ни верски лидер, ни институција.
Во изминативе 24 часа имаше уште 23 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во Скопје – 12, Куманово – 4, Тетово – 4, Прилеп – 2 и Неготино – 1, а почина 47-годишен тетовец со хронични заболувања. Со тоа, вкупно ковид дијагностицирани во земјава се 1.921 лице, од кои оздравени се 1.387, починати се 112, а активни се 422.