Со повисоки казни за прекршоците во животната средина и воведување на обврската за надоместување на сторените штети, Министерството за животна средина очекува поголема заштита на животната средина и превентивен ефект кај загадувачите. На вчерашната владина седница поминаа осум закони од областа на животната средина, кои сега треба да бидат усвоени во Собранието. Станува збор за Законот за квалитет на амбиентен воздух, Законот за животна средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, Законот за планински патеки, Законот за заштита од бучава и Законот за генетски модифицирани организми. Исто така, направени се измени и во Законот за прекршоци со кои се предвидува поголеми казни за загадувачите.
„Дел од овие предлози веќе беа доставени еднаш до Собранието, но не беа усвоени зашто истото се распушти. На почетокот на мандатот, беше доставен предлогот за предвидување можност за покачувањето на глобите во областа на животна средина во Законот за прекршоците до Собранието и сега соодветно ги изработивме измените и на сите посебни закони. За усвојување на овие предлози, неопходно е Собранието да ги донесе измените на Законот за прекршоците и се надевам дека тоа ќе биде сторено во најкус можен рок, за да може да бидат усвоени и овие клучни измени во областа на управувањето со воздухот и контаминираните подрачја и да започне спроведувањето на измените и во пракса“, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Во овие измени и дополнувања се изврши усогласување со Законот за прекршоците и Законот за инспекциски надзор, при што е предвидено и дополнително зголемување на висината на глобите до 20 пати, согласно претходно предложената измена на Законот за прекршоците која е доставена до Собранието на усвојување. Покрај покачувањето на висината на глобите, во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух и Законот за животна средина се предвидени дополнувања на материјалните одредби со цел подобра регулација на областите.
Во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух се врши транспозиција на ЕУ директивата за воздух при што се предвидени попрецизни обврски за локалната самоуправа за изработка на Планови за управување со воздух, со конкретни и задолжителни мерки што треба да се преземат при зголемени концентрации на загадувачки материи. Исто така, измените и дополнувањата на законот дефинираат и надлежности на одредени органи на државната управа со цел да се олесни спроведувањето на одредени краткорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот при надминување на прагот на алармирање. Дополнително, се даваат овластувања на други државни инспекторати за вршење надзор во спроведување на краткорочните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Во случаите кога нема да постапат единиците на локалната самоуправа, се предвидува можност за преземање на задолжителните мерки од страна на Владата.
А. АНТЕВСКА