ПАТНИЦИТЕ И КАМИОНЏИИТЕ СО ЕДНО ЗАСТАНУВАЊЕ НА ТАБАНОВЦЕ ЌЕ ЈА МИНУВААТ ГРАНИЦАТА КОН СРБИЈА И КОН МАКЕДОНИЈА

    ПАТНИЦИТЕ И КАМИОНЏИИТЕ СО ЕДНО ЗАСТАНУВАЊЕ НА ТАБАНОВЦЕ ЌЕ ЈА МИНУВААТ ГРАНИЦАТА КОН СРБИЈА И КОН МАКЕДОНИЈААко досега на влез или на излез патниците чекаа на пасошка или на контрола на личните карти двапати, првин на Табановце, а потоа на Прешево и губеа време со часови, сега тоа ќе биде во еден зафат и ќе има само едно застанување, на Табановце (Фото: СДК.МК)

    Полициските, царинските, ветеринарните, санитарните и сите останати контроли за патници и стока на Македонија и Србија се спојуваат во една служба на граничниот премин Табановце – Прешево, со што времето на чекање за влез или излез на патници и стока од двете држави ќе се скусува на пола. Ќе има само едно застанување, на Табановце.

    „Службите на двете држави ќе се спојат во една. Вработените од двете држави ќе седат на едно место, еден до друг, на македонска територија. Заедничкото управување ќе биде на Табановце, бидејќи ние веќе го проширивме терминалот со пари на Европската унија, а од српска страна уште нема  таков проект“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Златко Ветеровски од Царинската управа на Македонија.

    Ако досега на влез или на излез патниците чекаа на пасошка или на контрола на личните карти двапати, првин на Табановце, а потоа на Прешево и губеа време со часови, сега тоа ќе биде во еден зафат.

    „Најголемата придобивка, сепак, е кај протокот на стоки. Веќе нема да има двојна царинска, санитарна, ветеринарна контрола и часови чекање, туку сè ќе се заврши во еден наврат, на Табановце. Со тоа, освен што се елиминира долгочасовното чекање на камионите и ризикот товарената стока да им се расипе,  ќе се намалува и можноста за криминал со менувањето на фактури и прикажувањето кај нас една сума од превозниците, пред српската царина друга, и обратно“, вели Ветеровски.

    Ова заедничко гранично управување е предвидено во Регионалниот план за економска интеграција што се донесе лани во Трст и има голема поддршка од ЕУ и Светската банка, потсетува Ветеровски.

    „Ваков модел веќе функционира меѓу Црна Гора и Албанија, но само за патници. Ние со Србија сме лидери за заедничка служба и за патници и за стока. Истиот модел ќе се воспостави и со Албанија, на граничниот премин Ќафасан, чиј терминал во моментов се проширува со пари на ЕУ.

    Утре, премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце-Прешево ќе ја најават имплементацијата на овој проект и ќе кажат точно кога ќе стартува, соопшти Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира