Во моментов се тестираат 30 лица за коронавирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за едно лице од Куманово, две од Скопје и 27 од Дебар и околината. Лицата од Дебар немаат симптоми, но можно е да биле во контакт со веќе заразените жители од Дебар и Центар Жупа, но се тестираат после скринингот за индикација на КОВИД-19.
Скринингот добро се спроведува, а досега се направени околу 400 теста, кажа Филипче. Деновиве може да почне со тестирање во околината на Струга, со оглед на тоа дека имале зачестена комуникација со граѓаните во Дебар.
„Многу е важно да помине периодот на инкубација, и затоа таа изолација, карантин трае 14 дена. Затоа што ако во меѓувреме се направи тестот кој технички не е предизвик да се направи, може да биде лажно негативен. Тоа значи дека човек може да се охрабри, да не ја почитува мерката за самоизолација и после само ден или два веќе да покаже знаци за болест“, вели Филипче.
Вкупната бројка на заразени во земјава е 35 лица, откако доцна синоќа беа позитивни тестовите на 4 лица од Скопје, кои биле во контакт со веќе заразените 4 лица кои беа потврдени вчера. Вчера, меѓудругото беа позитивни тестовите на две брачни двојки од Скопје.
Состојбата на сите заразени кои се на Инфективната клиника во Скопје и во болницата во Дебар е стабилна, како и на пациентката која е на респираторна машина.
Б. НЕСТОРОСКА