Самите училишта треба да си направат план како ќе се спроведе и одвива целодневната настава за децата од прво до трето одделение. Министерката Мила Царовска на првиот училишен ден кажа дека Владата ги известила градоначалниците за одлуката за целодневна настава и сега самите училишта во консултација со родителите треба да најдат начин да се спроведе.
„Организацијата на целодневната настава е во надлежност на училиштата, не на Министерството за образование. Секое училиште, на начин на кој мисли дека е најсоодветен, заедно со родителите ќе донесе одлука за одвивање на целодневната настава“, рече министерката Царовска.
Владата на седницата одржана на 29 септември донесе одлука за децата од прво до трето одделение да има дневен престој во училиштата. Според препораката на Комисијата за заразни болести, продолжениот престој треба да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.
Денеска, со задоцнување од еден месец почна, учебната година со комбинирана настава. Во 600 улилишта наставата ќе се одвива со физичко присуство, а во останатите онлајн преку националната пратформа www.shcools.com или со емитување часови на македонски и на албански јазик преку три канали на Македонската радиотелевизија (МРТ).
А. АНТЕВСКА