ШАРЕНА ПЕНЗИОНЕРКА ФРЛИ БОЈА НА СОБРАНИЕТО

    ШАРЕНА ПЕНЗИОНЕРКА ФРЛИ БОЈА НА СОБРАНИЕТОБалонот боја на пензионерката беше последен, по што демонстрантите се разотидоа. (Фото: СДК.МК)

    Протестот на Шарената револуција пред Собрание заврши со шарена пензионерка. Таа застана до специјалната единица за боење и ги замоли да и дозволат  да фрли боја. Се доближи до металната ограда и успеа да фрли еден балон врз фасадата, а потоа се сврте кон останатите и рече „Се надевам дека нема да умрам дури не ги видам да паднат“.

    Нејзиниот балон боја беше последен. Демонстрантите се разотидоа. Пред акцијата за боење на Собранието демонстрантите ги рецитираа стиховите на „Молитва“ од Блаже Конески.

    Спаси ме Боже, од болните луѓе
    што се накажани,
    та не се криви,
    нивната злоба умерено суди ја,
    самите од неа одвај се живи.

    Тие се мислаи и повикани да водат
    како Мојсија и другите пророци,
    а самите не можат да се ослободат
    и влечат по себе ситни пороци.

    Дај Господе, што помалку очите да
    им ги бодам,
    штом тие лево ќе фатат,
    јас десно да одам.

    По рециталот беа активирани два чатала за Собранието. Повторно се шарени деловите кои еднаш веќе беа исчистени.

    На пат кон Собранието шарените ја обоија чистата Канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на Скопје и фрлија тазе боја на Министерството за правда. Се задржаа пред Канцеларијата и најгласно досега скандираа „Оставка, оставка“ и „Мафија на робија“.

    Специјалната единица за боење на Шарената револуција вечерва ги соборуваше сопствените рекорди. Пред да ги обојат Собранието, Канцеларијата на Иванов и Министерството за правда, со два чатала ја решетаа фасадата на Владата, а со детски играчки – пушки на вода ја боеја и оградата. Шарени се сите столбови на оградата

    Два чатала вечерва го решетаа Белиот дворец на Владата (Фото:СДК.МК)

    Два чатала вечерва го решетаа Белиот дворец на Владата (Фото:СДК.МК)

    од главниот влез до мостот „Гоце Делчев“. „Многу ни е добар чаталот“ скандираа шарените пред Влада и извикуваа „Ура“ по секој погодок на фасадата.

    Демонстрантите решија да не ја откриваат трасата по која ќе се движат во знак на револт од односот на полицијата кон нив.
    „Досега уредно пријавувавме каде ќе се движиме, а МВР постојано ни правеше проблеми во трасата. Вечерва не кажуваме каде одиме, МВР нека не наоѓа“, рекоа на почетокот на протестот.

    „Ќе се чаталиме до слобода“, беше пораката на големиот транспарент. Шарените се собраа пред Специјалното јавно обвинителство, но не тргнаа кон Собранието туку во спротивната насока. Се движеа по улицата „Ленинова“ или по ново „Аминта Трети“, каде што воопшто немаше полиција, а потоа преку„ Партизанска“ и „Климент Охридски“ стигнаа пред Влада од каде продолжија до Министерството за правда, покрај Канцеларијата на Иванов, до Собранието.

    Возачот на комбето кој претходната вечер беше приведен во полициската станица „Пролет“, беше на вечерашниот протест.
    „По вчерашниот протест, продолжија приведувањата како мерка за заплашување и пригушување на отпорот. Овој пат приведен е возачот на комбето чиј разглас го користиме да сме погласни на протестот. Со секое нивно заплашување стануваме побројни, похрабри и поистрајни во борбата“, напишаа на Фејсбук профилот организаторите од „Протестирам“ и уште еднаш повторија дека остануваат на улица се до целосно разрешување на кризата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира