СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“ НЕМА ДА ГИ УРИВАМЕ, ТУКУ ЌЕ ГИ НАРЕЧЕМЕ СО НИВНОТО ВИСТИНСКО ИМЕ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“ НЕМА ДА ГИ УРИВАМЕ, ТУКУ ЌЕ ГИ НАРЕЧЕМЕ СО НИВНОТО ВИСТИНСКО ИМЕ, ВЕЛИ ВЛАДАТА„Воинот на коњ ќе го преименуваме во тоа што вистински е, Александар Македонски, и ќе дадеме објаснување во рамки на споменикот за што станува збор, односно Александар Македонски како дел од хеленскиот антички период и како светско културно наследство“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Спомениците на Александар Велики, Филип Втори и Олимпија во центарот на Скопје, кои беа поставени во рамки на проектот „Скопје 2014“ нема да се уриваат и нема да се преселуваат во Солун, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Тој одговори на новинарско прашање откако вчера грчкиот весник „Катимерини“ објави дека во договорот за решавање на спорот за името стои оти овие споменици Скопје или ќе му ги подари на Солун или ќе стави плочки со натписи за да се појасни дека тие се симболи на грчката култура – на пример, на споменикот на плоштадот во Скопје ќе има натпис дека тој реферира на хеленистичкиот период и ќе биде означен како симбол на пријателството меѓу Македонија и Грција.

    „Спомениците изградени во рамки на ‘Скопје 2014’, кои ја отсликуваат хеленската култура како историско и цивилизациско наследство на светот ќе го добијат тој епитет. Воинот на коњ ќе го преименуваме во тоа што вистински е, Александар Македонски и ќе дадеме објаснување во рамки на споменикот за што станува збор, односно Александар Македонски како дел од хеленскиот антички период и како светско културно наследство. Нема уривање на Александар Велики. Останува како симбол на пријателство меѓу Република Македонија и Република Грција. Истото ќе се случи и со споменикот на Филип Втори и споменикот на Олимпија“, рече Бошњаковски.

    Тој кажа дека сите евентуални решенија со спомениците кои се дел од светското цивилизациско наследство ќе бидат во насока на зајакнување и потврдување на пријателството меѓу Македонија и Грција.

    „Едно е сигурно, ние нема да се срамиме спомениците да ги нарекуваме така како што се“, рече Бошњаковски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари