ВМРО-ДПМНЕ ГИ УКИНУВА 10-ТЕ ПРАТЕНИЧКИ ГРУПИ, ЌЕ ФОРМИРА САМО ЕДНА

    ВМРО-ДПМНЕ ГИ УКИНУВА 10-ТЕ ПРАТЕНИЧКИ ГРУПИ, ЌЕ ФОРМИРА САМО ЕДНАДознаваме дека на координацијата на пратениците со лидерот Христијан Мицкоски имало разногласие дали да се формира единствена пратеничка група или да се продолжи по старо да има повеќе пратенички групи, но сакале да разговараат и за други, како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК, „многу побитни прашања“ - Фото: СДК.МК

    ВМРО-ДПМНЕ идната недела ќе формира една пратеничка група, бидејќи сегашните 10 не ги исполнуваат условите според собранискиот Деловник, потврди опозициската партија за САКАМДАКАЖАМ.МК. Поради заминувањето на пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски, и Јусуф Хасани со парламентарното мнозинство, и исклучувањата на осуммината пратеници од колицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ , како и заминувањето на пратеникот на ГРОМ Панчо Минов, 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ сега немаат по минимум 5 пратеници кои се потребни да се формира една пратеничка група.

    Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  во Собранието од 51, сега засега има 39 пратеници.

    Од опозицијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека идната недела ќе го известат претседателот на Собранието Талат Џафери оти ВМРО-ДПМНЕ ќе формира една пратеничка група и ќе избере координатор на групата. Дали сегашниот координатор на сите пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев ќе остане да биде координатор и на единствената пратеничката група, од партијата само кратко кажаа дека ќе седнат и ќе се договорат.

    Дознаваме дека на координацијата на пратениците со лидерот Христијан Мицкоски имало разногласие дали да се формира единствена пратеничка група или да се продолжи по старо да има повеќе пратенички групи, но сакале да разговараат и за други, како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК, „многу побитни прашања“.

    Според собранискиот Деловник, пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеници кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Пратеникот може да биде член само на една пратеничка група. За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува останатите пратеници.

    ВМРО-ДПМНЕ  на 6 јули 2017 година формираше 10 пратенички групи во Собранието.  Тогаш беше маратонската расправа за менување на државниот јавен обвинител Марко Зврлески. Девет имаат по пет пратеници и една е со шест.

    Во најголемата пратеничка група координатор е Илија Димовски, а таму е пратеникот и екслидер на партијата Никола Груевски, кој до 8 ноември треба да се јави во затворот во Шутка на отслужување на двегодишната казна. На втората координатор е Антонијо Милошоски, на третата Зоран Илиоски, на четвртата Владанка Авировиќ, на петтата Даниела Рангелова, на шестата Панчо Минов, на седмата Димитар Стевананџија, на осмата Драган Данев, на деветтата Благица Ласовска и на десеттата Драган Цуклев. Секој координатор има двајца заменици.

    Пратеникот на ГРОМ Панчо Минов, кој е и координатор на шестата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, ја напушти поради разрешувањето на градоначалникот на Кавадарци и потпретседател на партијата Митко Јанчев и како што рече, сè додека лидер е Христијан Мицкоски, нема да делува заедно со ВМРО-ДПМНЕ.

    Координаторката на четвртата група, Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, е меѓу осуммината опозициски паретници кои гласаа за почетокот на уставни измени согласно Договорот со Грција. Таа сега ќе биде дел од новата пратеничка група, заедно со исклучените пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова и Емилија Александрова. Координатор најверојатно ќе биде Елизабета Канческа-Милевска.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира