ВО ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ИСТОРИСКИТЕ ПРАШАЊА НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

    ВО ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ИСТОРИСКИТЕ ПРАШАЊА НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, КАЖА КОВАЧЕВСКИКовачевски не кажа детали за новиот предлог, туку рече дека утре тоа ќе го сторат министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.(Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски вечерва кажа дека во новиот францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ, историските прашања не се дел од преговарачката рамка. Ковачевски на прес-конференцијата рече дека Владата има план и стратегија која дала резултат, односно забелешките за претходниот предлог кој не беше прифатлив за нас се прифатени и се содржани во новиот предлог.

    Ковачевски не кажа детали за новиот предлог на француското претседателство со ЕУ кое го водеше претседателот Емануел Макрон, туку рече дека утре тоа ќе го сторат министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали историските прашања ќе бидат дел од преговарачката рамка, за што имаше најмногу реакции во јавноста, Ковачевски кажа

    „Нашите забелешеки беа историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ кој е доставен и се разгледува во Министерството за надворешни работи. За сите други детали министерот ќе има консултации и ќе бидат презентирани на медиумите и на сите заинтересирани страни“, рече Ковачевски.

    Премиерот кажа дека францускиот предлог ќе биде доставен и на разгледување во Собранието и до претседателот Стево Пендаровски.

    За тоа што предвидува францускиот предлог во однос на влегувањето на бугарското малцинство во Уставот, Ковачевски не кажа прецизно во која фаза од преговорите треба тоа да се исполни. Кажа само дека во Уставот како малцинство покрај Бугарите ќе влезат и Црногорците и Хрватите, и сите политички партии до сега кажале дека такви измени ќе прифатат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира