ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ГО ПРЕКИНАА ПРОТЕСТОТ ЗА ПАРКИНГОТ, ФИЛИПЧЕ ДОГОВОРИЛ СРЕДБА СО ЗАЕВ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ГО ПРЕКИНАА ПРОТЕСТОТ ЗА ПАРКИНГОТ, ФИЛИПЧЕ ДОГОВОРИЛ СРЕДБА СО ЗАЕВОд Самостојниот синдикат на вработените во клиничкиот центар велат дека министерот за здравство Венко Филипче ги известил дека ќе имаат средба со премиерот на 24 или на 25 овој месец и дека се разгледуваат опциите за враќање на паркингот на Клинички центар поради што одлучиле да го прекинат протестот, иако и денес го блокираа наплатните рампи (Фото: СДК.МК)

    Вработените во Клинички центар денес решија да го прекинат протестот, откако за време на получасовната пауза повторно ги блокираа наплатните рампи на паркингот. Одлуката да го прекинат штрајкот ја донеле по вчерашната средба со министерот за здравство Венко Филипче.

    Претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во клиничкиот центар д-р Горан Беговиќ вели дека на вчерашната средба, министерот за здравство Филипче им кажал дека им договорил средба со премиерот Зоран Заев на 24 или на 25 овој месец.

    „Протестот го почнавме по одлуката на Градот да ја зголеми цената и крајно навредливата изјава од градскиот татко. Но, не се согласуваме и со најавеното нееднакво покачување на платите 10 отсто за лекарите специјалисти и 5 отсто за медицинските сестри и бараме да преговараме за овие работи. Министерот не извести дека се разгледуваат правните можности за враќање на паркингот во владение на Клиничкиот центар и поради тоа одлучивме да го прекинеме протестот“, вели Беговиќ.

    Тие со протести почнаа пред четири дена, откако Советот на град Скопје на предлог на градоначалникот Петре Шилегов месечниот билет за паркинг им беше зголемен од 300 на 800 денари. Револтирани од изјавата на Шилегов дека пациенти умираат на паркингот во клинички, бидејќи не можат да влезат од паркираните возила на вработените, тие бараа укинување на одлуката за зголемување на цената за паркирање и враќање на паркингот во владение на Клинички центар. Вчера ги проширија барањата и побараа итни разговори со министерот за здравство Филипче и со премиерот Заев околу најавеното нееднакво покачување на платите во здравство.

    По предлог на градоначалникот Петре Шилегов се укинува повластената цена за паркирање од 300 денари која со години ја имале вработените на Клинички и се воведува цена од 800 денари како за сите правни лица кои користат месечни карти на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“. Шилегов на 10 декември рече дека на овој паркинг има издадено 1.500 месечни билети за вработени, а има 670 паркинг места.

    Филипче потврди дека ќе има средба со премиерот на 24 или на 25 овој месец, и дека една од опциите е да се врати паркингот во владение на Клинички центар.

    Тој вчера кажа дека во телефонски разговор со градоначалникот Шилегов ги разгледуваат правните опции за враќање на паркингот во владение на Клинички центар, а дека Министерството за здравство за решавање на проблемот со паркирањето планира да изгради две монтажни катни гаражи, едната на хелиодромот, а другата кај Клиниката за гинекологија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира