Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска после лидерската средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети кажа дека ја договориле и ја усогласиле рамката на новата коалициона влада. Постигнат е, како што кажа Заев, коалициски договор за формирање на мнозинство со полн мандат кој во наредните 4 години ќе работи за интересите на граѓаните. И ДПА ќе биде дел од коалиционата влада.
„Јас ја добив честа да бидам претседател на владата во полн 4-годишен мандат. Покажав доблест, како градење на доверба, сите на 100 дена пред пред избори да бидат рамноправни, коалиционите партнери на предлог на ДУИ ќе го постават премиерот кој 100 дена ќе ја води владата“, рече Заев.
Тој кажа дека новата Влада ќе ја укине Пржинската влада, а сите рамковни вработувања ќе се прераспределат на работни места и за 6 месеци ќе тргнат на работа.
„Ги договоривме денеска принципите на кои ќе се темели новата влада. Во неа ќе бидат назначени квалитетни, одговорни и отчетни кадри. Нема да има министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места. Се договоривме да се зголеми отчетноста и транспарентноста и да се намалат привилегиите на министрите и директорите“, рече Заев.
Како што кажа Заев, со укинување на техничката влада, на наредните парламентарни избори ќе нема технички премиер и технички министри. Според денешниот договор, на 100 дена пред избори премиер нема да биде никој од претседателите на партиите. ДУИ ќе предолжи свој кандидат и со тоа, како што кажа Заев, ќе се покаже дека оваа земја е еднаква за сите граѓани и дека секој може да избира и да биде избран.
Тој во говорот не кажа како ги поделиле министерските места. Заев кажа дека денеска се договориле Талат Џафери да биде претседател на Собранието.
Ахмети рече дека му честита на Заев за храбрата одлука 100 дена пред избори да има премиер Албанец.
А. АНТЕВСКА