Премиерот Зоран Заев се врати од Брисел, каде пред дводневниот самит на ЕУ побара од европските лидери да донесат одлука за отворање на пристапни преговори на Македонија со Европската Унија.
„Во моментов во Владата течат политички консултации на премиерот со министрите“, потврдија извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Тие велат дека ги следат случувањата во Брисел, дека се во контакт со некои странски државници и се разгледуваат и анализираат сите опции, вклучително и оставка на премиерот Зоран Заев и враќање на мандатот.
Дознаваме дека од утрово има консултации и во партиското седиште на СДСМ.
Одлуката дали земјава ќе добие датум за отпочнување на пристапните преговори, европските лидери треба да ја донесат и соопштат денеска, откако на првиот ден од самитот не беше постагнат договор поради ветото на Франција.
Премиерот Заев во средата во Брисел на прес-конференцијата со еврокомесарот Јоханес Хан ги повика европските лидери да не ги „гасат сјаните ѕвезди кои сакаме да ги достигнеме“ и побара да не бидат „наша пречка, туку наши херои“.
„Ни треба позитивна одлука сега и веднаш. Ако не се испорача, тогаш кредибилитетот на ЕУ и довербата на нашите граѓани во неа ќе биде доведена во прашање, и ова со сигурност ќе ги поттикне регресивните сили и ќе остави простор за трети сили“, рече Заев.
Заев не одговори директно на прашањето дали ако не се добие одлука за пристапните преговори ќе падне владата, односно дали тој ќе даде оставка.
„Одговорност ќе треба да се преземе, јас тоа го чувствувам“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА