Тринаесет угостителски објекти во Скопје се затворени синоќа по заедничката акција на МВР, УЈП, пазаришната и трудовата инспекција, поради кршење на законите за работното време, за забрана на точење алкохол на малолетници и за забрането пушење, како и за неиздавање фискални сметки. Казнетите добија забрана за работа од 15 до 30 дена, соопшти денеска МВР.
Според податоците објавени на прес конференцијата во МВР, во акцијата биле контролирани вкупно 24 објекти, поради утврдени неправилности затворени се 13 објекти, а на едукација за спроведување на законите се повикани 5 сопственици.
Во 8 од објектите имало малолетници. Приведени се 4 малолетници, од кои двајца за користење наркотици.
„Контролата е направена врз основа на претходни анализи и сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитува законот за работното време, забраната за точење алкохол на малолетници и забраната за пушење, како и обврската за издавање фискални сметки. МВР заедно со другите институции ќе продолжи со вакви контроли и нема да биде дозволено никакво непочитување на законите“, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Тој рече дека МВР синоќа имало контрола и на возачите, при што од испитани 272 возачи, кај 102 е утврдено дека возеле под дејство на алкохол. Констатирани се и 49 други прекршоци за што се изречени 12 мандатни и 37 прекршочни глоби.
Г. ТРПЕНОСКИ