СТОЛТЕНБЕРГ ВО СТАЈКОВЦИ ЌЕ ДОБИЕ БЛАГОДАРНИЦА ЗА ПОМОШТА НА НАТО ПО ПОПЛАВИТЕ, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ИМЕНУВА УЛИЦА ПО НЕГОВИОТ ТАТКО

    СТОЛТЕНБЕРГ ВО СТАЈКОВЦИ ЌЕ ДОБИЕ БЛАГОДАРНИЦА ЗА ПОМОШТА НА НАТО ПО ПОПЛАВИТЕ, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ИМЕНУВА УЛИЦА ПО НЕГОВИОТ ТАТКОВо знак на благодарност за помошта што НАТО ја даде за санирање на штетите и надминување на последиците од поплавата во Стајковци во август 2016, Столтенберг од градоначалникот Борис Георгиевски ќе добие благодарница.-Столтенберг попладнево при пристигнувањето на скопскиот аеродром. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денес претпладне ќе го посети скопското село Стајковци, каде градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски ќе му додели благодарница за помошта што Алијансата ја даде по поплавите во август 2016 година.

    По поплавите кои на 6 август 2016 година ги зафати селата Стајковци и Црешево и во кои загинаа 23 лица, војници и опрема на НАТО беа ангажирани во санирање на штетите и надминување на последиците.

    Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски вели дека благодарницата ќе биде доделена од името на сите жители на Стајковци и Црешево.

    Во поплавата која ги зафати селата Стајковци и Црешево загинаа 23 лица, голем број куќи беа уништени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Сакаме да се заблагодариме за сета помош која НАТО уште од првиот ден после поплавите ја даде на граѓаните во нивните најтешки мигови, кога многумина од нив останаа речиси без домови, а дел ги загубија своите најблиски. Ќе биде прикажана и изложба на фотографии од штетите кои беа направени, но и нивното санирање во кои учествуваа и војници на Алијансата“, вели градоначалникот Георгиевски.

    Војници и опрема на НАТО беа ангажирани во санирање на штетите и надминување на последиците.- Скопската обиколница еден ден после поплавите во Стајковци. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Столтенберг  ќе има заедничка прес-конференција и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по повод именување на улица во Скопје по неговиот татко, дипломатот Торвалд Столтенберг, кој е прогласен за заслужен граѓанин на Скопје, поради неговото лично залагање за големата помош што Норвешка ја даде по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

    Од кабинетот на градоначачникот Шилегов велат дека пешачката улицата во Градскиот парк меѓу јужната трибина на стадионот и езерцата во паркот од утре ќе го носи името Торвалд Столтенберг, кој почина на 14 јули на 87-годишна возраст. Торвалд Столтенберг имал исклучителни заслуги за помошта што ја добил градот Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а поради неговиот ангажман со помош на Норвешка и Данска била изградена Детската болница за белодробни заболувања во Козле. По иницијатива на Столтенберг само еден ден по земјотресот, од норвешкиот Црвен крст со транспортен авион, во Скопје биле испратени 2.300 волнени ќебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв, како и 5.000 пакети за прва помош.

    Генералниот секретар на Алијансата Столтенберг, ќе има средби со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери и други политички претставници. Столтенберг заедно со министерката за одбрана Шекеринска ќе ги посети и специјалните армиски сили кои ќе изведат показна вежба во скопската касарна Илинден.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира