ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ЗА 7 ДЕНА ОД КОВИД ПОЧИНАЛЕ 254, ВО МАКЕДОНИЈА 263, ТАМУ СО ЕДНА ДОЗА СЕ ВАКЦИНИРАНИ 46% ОД 68-МИЛИОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ

    ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ЗА 7 ДЕНА ОД КОВИД ПОЧИНАЛЕ 254, ВО МАКЕДОНИЈА 263, ТАМУ СО ЕДНА ДОЗА СЕ ВАКЦИНИРАНИ 46% ОД 68-МИЛИОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕВо Македонија вчера починаа 45 лица, а активни се над 21.000 случај. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изминативе седум дена односно од 28 март до 3 април во земјава од ковид-19 починале 263 лица, според податоците на Министерството за здравство.

    Истиот период во Велика Британија каде е вакцинирано 46 отсто од населението починале 254 пациенти кои се лекувале од ковид-19.

    Според официјалните податоци на британската влада до сега во земјата со прва доза се вакцинирани 31.425.682 лица, а втора доза примиле 5.205.505. Од вакцинираните 18 милиони ја примиле вакцината „АстраЗенека“.

    Како резултат на високата стапка на вакцинација, во Велика Британија секој ден паѓаат бројките на новозаболени, починати и активни случаи.

    Пикот на вирусот во Велика Британија беше во јануари и тоа на 8 јануари беа регистрирани 68.053 дневни нови случаи, на 29 јануари починаа најмногу – 1.823 болни, а на 30 јануари имаше најголем број активни случаи и тоа над 2 милиони.

    Сега во земјата со над 68 милиони жители и 46 отсто вакцинирани со една доза, бројките се сосема други. Вчера, кога во Македонија беа пријавени 45 смртни случаи, во Обединетото Кралство починаа 10 лица, имаше 3.423 нови случаи, а активни се 341.810.

    Во Лондон на 29 март за прв пат последниве шест месеци не беше регистриран ниту еден смртен случај.

    Во Македонија каде вакцинирањето на населението почна пред три дена и се вакцинирани 3.000 лица над 77 години и околу 7.000 здравствени работници, регистрирани се 1.394 нови случаи, а активни се 21.553.

    Дневна статистика за 3 април во Велика Британија.

    Во Израел 60 отсто од населението има примено една доза од вакцината против ковид-19, а во Соединетите Американски Држави 30 отсто. По пикот во јануари и во овие две земји со висока стапка на вакцинација паѓаат бројките.

    Во САД најмногу нови случаи имало на 8 јануари 308.978 , а вчера беа регистрирани 47.671. Најмногу починати беа регистрирани на 12 јануари и тоа 4,480, а вчера имаше 450.

    Во Израел вчера починаа 16 лица од ковид-19, имаше 363 нови заболени, а активни се 6.086 случаи.

    Министерството за здравство најави дека од понеделник ќе почне масовната вакцинација во салата „А1 арена Борис Трајковски“ со 20.000 вакцини „Спутник“ кои ги добивме како донација од Србија. Министерот Венко Филипче кажа дека на почеток ќе се вакцинираат по 3.000 луѓе дневно, а за кратко време ќе се зголемува бројката и дневно вакцина ќе примат по 7.000 граѓани.

    Од средата во здравствените домови со 24.000 дози на вакцината „АстраЗенека“ добиени преку Ковакс механизмот се вакцинираат лицата постари од 77 години. Претходно беа вакцинирани околу 7.000 здравствени работници со „Фајзер“ и „Спутник“.

    Иако бројката не е официјално потврдена, се претпоставува дека и околу 10.000 македонски граѓанки и граѓани самостојно се вакцинираа со „АстраЗенека“ во Србија.

    Министерството за здравство во вторникот донесе одлука со вакцината на Оксфорд „АстраЗенека“ да не се вакцинираат лица помлади од 60 години, откако нејзината употреба ја ограничија и дел од европските земји меѓу кои и Германија поради појавата на тромботична реакција.

    Специјалистот хематолог д-р Ирина Пановска-Ставридис апелира до граѓаните да бидат спокојни во врска со имунизацијата против ковид-19, бидејќи несаканиот ефект на тромботична реакција по примена вакцина на „АстраЗенека“ е екстремно редок и во голема мера совладлив.

    „Од 18 милиони дози на ‘АстраЗенека‘ аплицирани во Велика Британија вкупно се евидентирани 30 тромбози, тоа е помала инциденца на тромбози отколку во здрава популација која не е вакцинирана“, вели Пановска-Ставридис.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира