СЕМЕЈСТВО ЖИВЕЕ НА УЛИЦА ОТКАКО МУ ИЗГОРЕ КУЌАТА, ДРЖАВАТА НЕ ПОМАГА ОТИ ИМА ИЗБОРИ

СЕМЕЈСТВО ЖИВЕЕ НА УЛИЦА ОТКАКО МУ ИЗГОРЕ КУЌАТА, ДРЖАВАТА НЕ ПОМАГА ОТИ ИМА ИЗБОРИНа семејството Зафировски пред една недела му изгоре кужќата во голем пожар, а од привременото сместување во ученичкиот дом ги избркале оти нема да работи за велигденските празници (Фото: СДК.МК)

Семејство од Куманово буквално живее на улица под ведро небо, откако пред една недела му изгоре куќата во голем пожар. Семејството Зафировски оттогаш талка по улиците и бара некој да ги прибере и да им даде покрив над главата. Случајно ги затековме во Црвен крст, каде дошле да бараат помош, откако ноќта ја поминале во запуштените простории на руинираниот хотел „Кристал“ во центарот на Куманово.

И додека се запазат сите бирократски процедури, Мирјана и нејзината осумгодишна внука Мишела, ученичка во второ одделение, дење ќе талкаат по улиците, а ноќе ќе се прибираат во напуштените простории на поранешниот хотел „Кристал“, кој е опасно место за живеење, затоа што е збиралиште на корисници на дрога. (Фото: СДК.МК)

„Бевме во ученичкиот дом ‘Професор Мијалковиќ‘, таму нè смести градоначалникот кога ни изгоре куќата. Оттаму нè истераа, ни рекоа да си бараме чаре, бидејќи за празниците нема да работат. Дојдовме кај куќата и со штици го преградивме креветот што ни остана. Легнавме со внуката да спиеме под отворено. Една од комшиките ни даде јорган да се покриеме. Ама пусто, ноќта заврна. Не можевме тука да останеме, се собравме и отидовме во напуштениот хотел ‘Кристал‘. Таму спиеме две ноќи. Ги однесовме ќебињата што ни ги дадоа од Црвен крст, се завиткавме и се стуткавме едни до други во една од собите“, раскажува и плаче Мирјана Зафировска (52), која цело време за рака ја држи осумгодишната внука од ќерка ѝ Мишела, за која се грижи откако родителите ѝ се развеле.

Семејството Зафировски брои шест члена: мајка, два сина, снаа и две внучиња. Живеат од социјална помош од 1.400 денари. Пред повеќе години бесправно се вселиле во старата и руинирана куќичка на СИЗ на улицата Гоце Делчев. Кобната вечер никој не бил дома и не се знае како се запалила. Велат дека немале струја за да се предизвика краток спој, па се сомневаат дека, можеби, некој намерно го подметнал пожарот во кој изгорело сè што имале.

„Беше некаде околу 20.30 часот. Јас не бев дома, кога дојдов, сè беше во пламен. Мислев дека децата се во собата и живи изгореле. За среќа, немаше повредени, ама останавме на улица. Бевме на неколку места да прашаме за стан под кирија, ама многу скапо. Една жена ни бараше 100 евра за наместена соба и плус 200 евра осигурување. Каде да ги најдам тие пари, јас вода во очи немам. Ги молам Општината, државата и хуманите граѓани да ми помогнат со пари и градежен материјал да ја поправам и покријам барем собичката што не е целосно изгорена, па ќе живееме тука и ќе се снаоѓаме некако“, вели Мирјана.

Единствена помош Зафировски досега добиле од Црвен крст Куманово, кој обезбедил пакети со храна, облека, ќебиња и душеци за спиење. Останатите институции си ја префрлаат вината кој треба да помогне, а дополнителен проблем е што е време на избори, па не можат да им обезбедат парична помош.

Ги молам Општината, државата и хуманите граѓани да ми помогнат со пари и градежен материјал да ја поправам и покријам барем собичката што не е целосно изгорена, па ќе живееме тука и ќе се снаоѓаме некако“, вели Мирјана чие семејство живее со социјална помош од 1.400 денари (Фото: СДК.МК)

Од Центарот за социјални работи во Куманово велат дека тие немаат законски ингеренции да плаќаат кирии и да обезбедуваат станбен простор на граѓаните. Единствено што можат е да им помогнат со еднократна парична помош, која можат да им ја исплатат по изборите.

„Согласно член 11 од Законот за социјална заштита, општините ги решаваат проблемите и потребите на граѓаните од областа на социјална заштита. Меѓу другото, тука спаѓа и домувањето, согласно материјалните можности на општините“, велат од Центарот за социјални работи.

Од Општина Куманово велат дека тие веќе му помогнале на семејството со тоа што му обезбедиле времено сместување и тврдат дека тие немат капацитети за трајно сместување.

Првата вечер кога биле во руинираниот хотел „Кристал“ настанала тепачка, во која синот на Мирјана е повреден со нож. (СДК.МК)

„Согласно нашите законски можности, можеме да дадеме еднократна помош, со која семејството може да изврши реконструкција и адаптација на опожарениот објект. Помошта се дава по одлука на Совет. Семејството е известено дека треба да поднесе барање, но поради тоа што сме во период на избори, немаме можност за вршење никакви трансакции, ниту да носиме одлуки од ваков тип. Самата одлука се пролонгира за по завршување на изборите. Затоа апелирам до Министерството за труд и социјална политика, бидејќи има буџетски средства, а Општина Куманово нема социјални станови, да интервенира и да му помогне на семејството“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката – подружница Куманово велат дека семејството треба да поднесе барање до Комисијата за станбени прашања при Владата, која врз основа на одредени критериуми и просторот со кој располага ќе одлучи дали ќе му додели стан, а тие само ќе го реализираат решението.

И додека се запазат сите бирократски процедури, Мирјана и нејзината осумгодишна внука Мишела, ученичка во второ одделение, дење ќе талкаат по улиците, а ноќе ќе се прибираат во напуштените простории на поранешниот хотел „Кристал“, кој е опасно место за живеење, затоа што е збиралиште на корисници на дрога. Првата вечер кога биле таму настанала тепачка, во која синот на Мирјана е повреден со нож.

С. НИКОЛИЌ

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари