ЗА ДА СЕ ОПЕРИРАШ ДРЖАВНО, МОРА ДА СЕ ТЕСТИРАШ ПРИВАТНО, ДЕТЕ СО СКРШЕНИЦА ПЕТ ДЕНА ЧЕКА ДА ГО ПРИМАТ НА КЛИНИКА

ЗА ДА СЕ ОПЕРИРАШ ДРЖАВНО, МОРА ДА СЕ ТЕСТИРАШ ПРИВАТНО, ДЕТЕ СО СКРШЕНИЦА ПЕТ ДЕНА ЧЕКА ДА ГО ПРИМАТ НА КЛИНИКАЗа операција на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, пациентка мора да приложи тест дека е негативна на коронавирус. Бидејќи во болницата немаат пункт за тестирање, треба да се тестира во другите лаборатории. - Наплив од пациенти пред старата градска болница во центарот на Скопје каде епидемиолошката анкета се прави надвор - (Фото: К. Попов)

За да им се закаже операција на пациентите кои се за итна интервенција, или на оние кои со месеци чекаат хируршки зафат во јавна здравствена установа, тие мора да направат тест за КОВИД-19. Но, не можат да бидат тестирани преку државниот систем на Институтот за јавно здравје без да плаќаат, туку ако сакаат операција мораат да се тестираат во приватните болници или лаборатории и да платат околу 4.000 до 6.000 денари.

Министерот за здравство Венко Филипче, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто пациенти на кои за операција им се бара ковид тест не можат да се тестираат државно и мора да плаќаат приватно, вели дека за ова прашање се разговарало и наскоро ќе има решение.

Но, и покрај тврдењата на Филипче дека пациентите не треба приватно да плаќаат за ковид тест, родители на 14-годишно момче од внатрешноста кое во петокот ја скршило раката на повеќе места и од локалната болница поради сериозноста на повредата било испратено во Клиничкиот центар во Скопје велат дека уште чекаат да му се изврши хируршка интервенција зашто нема тест за коронавирус.

Според кажувањето на родителот, детето во големи болки било примено во Ургентниот центар, каде му биле направени сите испитувања, само не и тестот за коронавирус. На родителот му било кажано дека како итен случај со сериозна скршеница на коската која на снимките изгледала како исечена со секира, мора веднаш да се оперира.

Првин им било кажано дека тестот ќе му биде направен таму, на сметка на Клиниката. Потоа дека не може, па може, па не може, и така поминал викендот. На крајот, хирургот им кажал дека сепак детето не може да се тестира на државен трошок, ќе мора задолжителниот тест да го направи на некоја од приватните клиники. Детето не било примено на Клиника и испратено дома со терапија за смирување на болките. Бидејќи не живее во Скопје, мајката седи со него кај роднини и чека повик од болницата, а во меѓувреме направиле тест за коронавирус во приватна болница за да ја забрзаат операцијата. Ако тестот излезе позитивен, иако се надеваат дека не е, бидејќи семејството доаѓа од град каде што нема регистрирани активни случаи на КОВИД-19, момчето ќе мора да се оперира во „8 Септември“.

„Болката стивна, се појави чешање. Се плашам да не зарастува таа дробеница. Се плашам и да не загноила. Гледам цел ден во телефонов, чекам резултат од приватната клиника каде што го направивме на наша сметка тестот за коронавирус. Се надевам ќе дојде попладнево. Се надевам дека веднаш ќе го оперираат“, очаен е родителот на повреденото дете. Вели, да ни кажеа уште веднаш дека сами треба да го направиме тестот, досега трипати ќе го направевме. „Толку можеме да платиме, за операција во приватна болница не можеме“.

Од Министерството за здравство изјавија дека детето со скршеница е примено во саботата,  направена му е тријажа, земен брис и пратен е дома. Детето е негативно и утре (среда) ќе го оперираат.

Во друг случај, пациентка од Скопје со камења во жолчка, која месец и половина чека да ѝ биде закажан термин за операција, за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажува дека за да ѝ биде изведена интервенцијата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, мора да приложи тест дека е негативна на коронавирус. Бидејќи во болницата немаат пункт за тестирање, треба да се тестира во другите лаборатории.

Но, кога отишла кај матичниот лекар за да закаже термин за тестирање преку системот „Мој термин“, ѝ рекле дека според насоките добиени од Министерството за здравство на пациенти без симптоми и покрај тоа што треба да прават операција, не смеат да им закажуваат тестирање на Институтот за јавно здравје или преку мобилните тимови. Бидејќи после месец и половина откако во саботата имала силни болки во жолчката ѝ бил закажан термин за операција, закажала тестирање во приватна лабараторија и си платила приватно.

Иако не станува збор за итен случај, сепак постои ризик од компликации. Пациентката вели дека секојдневно има болки во жолчката, но досега чекала операција бидејќи не била итен случај. Ако резултатите од тестирањето се позитивни, тогаш ќе мора да чека операција во болницата „8 Септември‘ и таму одново да ја поминува целата процедура.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека тестирањето мора да го направи самата болница.

„Не, апсолутно не треба пациентите да плаќаат приватно. Разговаравме тестирањето да биде од самата болница или преку системот ‘Мој термин’ и таков модул ќе биде ставен многу скоро“, рече министерот Филипче на вчерашната прес конференција.

Клиниките и болниците сѐ уште не почнале со прегледи и операции за редовни пациенти. Се примаат само итни случаи, но и таквите пациенти се препраќаат од една болница во друга, често докажувајќи си кој е позитивен, а кој негативен.

Министерот Филипче, речиси на секоја прес-конференција, на новинарските прашања кога ќе почнат болниците да работат и да примаат редовни пациенти, вели дека тоа ќе биде наскоро и работат на тоа прашање. Но, повеќе од три месеци прегледи и операции за редовни пациенти нема. Напротив, со напливот на нови пациенти од КОВИД-19 состојбата станува уште покритична. Хируршките клиники примаат само итни случаи и онколошки интервенции, па поради тоа старата Градска болница, хируршката клиника во центарот на градот е претрупана со пациенти, а старата Воена болница, ГОБ „8 Септември“ практично е сосема отпишана за редовни пациенти бидејќи функционира како паралелна Инфективна клиника и тријажен центар за КОВИД-19.

А. АНТЕВСКА – С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира