30 ПРОЦЕНТИ

Закони имаме, за документи ќе почекаме нов тендер, а ред не можеме да воспоставиме.

30 ПРОЦЕНТИ

1 Цела земја гори, пола Европа дојде да ги гаси пожарите, ковид бројките растат вртоглаво, а првиот вицепремиер Артан Груби се чуди зошто има хистерија околу помпезната прослава на 20-годишнината на Рамковниот договор. Овие од ДУИ не се како од друга држава, туку како на друга планета да живеат. Бетер од премиерот и министрите што после пожарот во Кочани дувнаа на грчка плажа.

Фино што слави ДУИ. Годишнина е. Округла бројка. Па и петстоте илјади евра за целокупното одбележување не вреди да ги претвараме во противпожарни коли, оти многу работи ни требаат. Не е само до пожарните. Пола милион – кај бил, кај не бил.

Ама најголемата трагедија, не само за Албанците, туку за сите во државата, е дека по цели дваесет години од потпишувањето на Охридскиот договор ДУИ нема ништо друго да понуди освен помпезна прослава.  Уште се на ниво на просто пребројување на Албанци и неалбанци во институциите. А во нивната држава, за 20 години не успеаја да спречат кршење на најобични, речиси невидливи спомен-плочи на убиените полицајци и војници во Вејце и Карпалак.

2 Добро, што може еден административец на државна плата толку многу повеќе да сработи за да добие награда од 30 проценти од платата? Ај – награда за здравствените работници, логично е, за војска, за полиција, исто така, за пожарникарите, секоја чест, гасеа со тоа што имаа на располагање, тоа што не успеаја да изгасат дојдоа странци, помогнаа… Ама, да дадеш награда на административец кој редовно прима плата за да си ја врши својата работа, има гарантирани максимален број денови од годишен одмор, што стар, што нов, па и К-15 им исплатија во ситуација кога шивачките во приватните фирми не смеат ни да прашаат кога ќе има плата и што не ги пуштија во сабота да одат на ревакцина!? Еве, дури и да беше нормална ситуација, да не беше ковид седењето дома, па имале екстра напор во исто време и да седат вклучени пред компјутер на „мјуте“ и да готват, што е тоа што толку значајно го направиле за да заработат плус 30 отсто од платата? Што е тоа „зголемен број на работни задачи по обем и квалитет“, како што стои во соопштението на Владата? Дали тоа што кампањата за локалните избори почна предвреме, па сега мораат да работат двократно – малку за државата, повеќе за партијата!?

Сервисирај си ја партиската машина. Небаре ние другите не одиме на избори, па нашиот глас не им е битен. Како само административците да гласаат.

Колку убаво го имаа срочено соопштението. Дека ќе ги награделе за „постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности“. Ако ова со што како граѓани се соочуваме пред државните и општинските институции е „ефикасно извршување на своите надлежности“, тогаш не знам што е тоа што е „неефикасно“. Особено што на сите најомилено оправдување им е „ние не сме надлежни“. И сега ќе ги наградуваат најангажираните ненадлежни.

Владата вели и дека како што треба да има принцип на награди, така ќе има и принцип на казни. Баш ме интересира дали некого казниле затоа што две години не беа сервисирани авионите за гасење пожар? И што уште нема доволно регистарски таблички. И што нема лични карти и возачки дозволи. И што доцнеа пасошите. И што децата уште немаат земено свидетелства. Или за сè што не функционира уште и ќе бидат наградени тие што имале една задача – тоа да функционира.

Образложението за исклучителниот ангажман на јавната администрација е смешно како што се смешни фејсбук статусите на Љупчо Николовски за борбата против корупцијата. Ај нека не ни кажуваат вицови. Кажете си едноставно, ова е поткуп пред избори што ќе го исплатиме по изборите. Ако бидете умни. Како што, впрочем, правела секоја власт досега.

3 При толку ангажирана администрација во институциите, можеби беше во право премиерот Зоран Заев дека системот функционира и не мора премиерот да е тука, ама ете тој почувствувал дека граѓаните имаат потреба да го видат, па го прекина одморот во Грција кога домашните пожарникари не можеа да ги скротат пожарите во Малешевијата. Кој воопшто верува во системот? Тие приказни ни на Фејсбук веќе не поминуваат. Дури и тие чиј ангажман е да ставаат лајкови на социјалните мрежи не веруваат дека системот функционира, ама сетики се надеваат дека по изборите ќе бидат наградени со 30 проценти.

Да не збориме сега за безбедноста на комуникациите на државниот врв и да не отвараме разузнавачки приказни и како функционирал тој систем од плажата на Халкидики. Ама, никој не верува дека системот функционира дури ни кога кога ќе го види премиерот на телевизија, тука, а не пак уште кога ќе ти соопшти дека ја координира кризата од странство преку телефон и интернет. Што координирал? Партиските директори што исто така беа на плажа, или послушните градоначалници кои парите што ги добиваат ги потрошиле за службени коли и плати за партиски вработувања, наместо за општинска инфраструктура која ќе биде подготвена за кризна состојба?

Во Австрија и Словенија, на пример, можеби немаат систем што толку добро функционира од плажа како нашиот, ама на државата сама ѝ текнало да прати авион да ги земе уморните пожарникари кои гасеа во Малешевијата и да донесе нови одморени.

Па после се чудиме дека странците ни се мешале во политиката. Па како да не се мешаат, кога тие прават сè – од мировни договори и партиски дијалози па до чистење ѓубре и гасење пожари. И буквално. Имаме среќа што нашето постоење и стабилност се поклопува со нивниот стратешки интерес, инаку ќе нè оставеа да изгориме.

Нам ни оставија само закони сами да си донесеме, лични документи да отпечатиме и ред да ставиме. Закони имаме, за документи ќе почекаме нов тендер, а ред не можеме да воспоставиме. Во која земја ставаат столпчиња за да ги спасат тротоарите и велосипедските патеки од коли? И пак ги кршат столпчињата. И за тоа никој не е казнет. А не е казнет ни никој што не казнува за тоа неказнување.

И што прави власта? Оваа врвна неспособност, од најмалото општинско претпријатие до највисоките функционери на државно ниво, ќе ја награди со 30 проценти за „исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира