АКМИС ГРУЈОВИТИС

Џелатот се обидува да се претстави како жртва и јаз’к да им е на тие што го испиле апчето за заборавање

АКМИС ГРУЈОВИТИС

1 Петсто евра ќе плати глоба граѓанинот што сакал да го испрска Никола Груевски со спреј додека држел говор на митинг во центарот на Скопје. Одма го казнија. Вчера сакаше да го прска, веќе денеска остана без 500 евра.

А да сакаше да му удри два-три шамара, ама од оние јаките, ќе го казнеа после четири-пет години. Ако воопшто и го казнеа. Ако се погодеше судијката.

2 Сега Груевски ќе плаче и за спрејот. Како што веќе плаче кај странските амбасадори дека е репресиран. Кај истите амбасадори на кои до вчера и како премиер, ама и како лидер на партија, им доцнеше со саати и не сакаше да ги прима. А кога ги примаше, не сакаше да се слика со нив. Во ноќта на долгите ножеви на 17 декември пред седиштето на ДИК, на истите тие амбасадори им порача дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници“.  Тоа го читаше пред граѓаните кои во прв ред носеа транспарент со кој му порачуваа на американскиот амбасадор „да ги тргне рацете од Македонија“. А од Европската  комисија иронично бараше да прецизира кој им се заканувал на амбасадорите, чии лица се појавија на некролози баш тие денови кога Груевски изјавуваше дека „некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјава“.

Храбриот и одлучен лидер не го слушавме само како нарачувал шамари, туку и на митинзи викаше дека ако бил Ќосето жив, одамна ќе завршел со Заев. Додека владееше, а богами владееше 10 години, речиси во секој празничен говор повикуваше на конечна пресметка со неистомислениците и цело време најавуваше битки. А сега се жали. Џелатот се обидува да се претстави како жртва.

Глумењето жртва има само една цел. За пред избори Груевски да им се додвори на релативизаторите дека „сите се исти“. На оние што викаат „ Бирам да игнорирам“ да им ја олесни одлуката да не излезат на гласање, кога веќе не гласаат за Груевски. Глумењето жртва треба да биде апчето за заборавање за сите злодела што ги направи неговата клика што ја зароби државата. Тоа ропство уште се чувствува.

Како воопшто може некој по организираниот напад на Собранието на 27 април и обидот за убиство на пратеници да рече дека „сите се исти“? Изгледа дека го испиле апчето на Груевски. И брзо им делува.

3 Башка што, по сѐ што чувме, и по сѐ што преживеавме под режимот на Груевски, тој уште држи лекции за морал, за чесност, за демократија, за борба против корупција, за партизирана администрација и за слобода на медиуми.

Кој е овде луд, а кој е ненормален? Оти нормални, очигледно, нема. Ние сме лудаци.

4 Впрочем, нормално ли е Обвинителството, а не одбраната, по изречена пресуда, да се повлече од сопственото обвинение  и да бара повторно судење? Притоа, не станува збор за обичен случај. Збориме за масакрот кај Смилковско Езеро од 12 април, пред празникот Велигден во 2012 година. Збориме за случај во кој петмина беа обвинети и осудени на доживотен затвор за убиство на четири момчиња и еден рибар. И во тој случај Обвинителството што го подготви обвинението доби и пресуда каква што самото бараше. Максимална казна.

Мора да има нешто многу ненормално во тој случај. Оти, при евентуално ново судење ќе треба да им се суди и на целата низа институции во судството што учествувале во донесувањето на пресудата што сега Обвинителството бара да се укине.

Дај боже, ова да е оптимистичката варијанта за затварање на случајот. Иако, искрено се сомневам дали ние како заедница ќе имаме сила да ја дознаеме и да ја поднесеме вистината за Смилковско Езеро. Каква и да ѐ.

5 Само 0,2 проценти е статистичката веројатност, со системот за електронска распределба на предметите, од четири случаи на СЈО, три да се паднат кај иста судијка. И тоа не било која. Туку баш кај таа за која слушавме озборувања во бомбите дека местото си го купила со „сваровски“.

Системот за електронска распределба на предметите во судовите ни го подариле Американците во 2010 година. Кога мислеле дека ќе им овозможат на нашите судии да се држат до правилото дека правдата е слепа, па им дале компјутер за електронска распределба, за да им ги спречат манипулациите. Го викаат АКМИС, оти е кратенка од англискиот назив кој преведено значи „Систем за автоматско менаџирање на случаи“. Арно ама, кај нас од електронската распределба на судските случаи изгледа единствената електроника е што компјутерот е вклучен во струја. Па така, од АКМИС – Систем за автоматско менаџирање на случаи, во Македонија се претвори во АКМИС – Автоматско компјутеризирано мануелно инсталирање на сваровски.

6 Сѐ ми се чини дека комјутерот фатил вирус. Па АКМИС-от се поболел, како што се поболуваат судиите кога им доаѓаат случаи со политичари.

Се сеќавате, уште во април минатата година му се слоши на судијата кога прв пат беше дојдена Гордана Јанкулоска на распит. Долго време беше на боледување. Го заборавивме. Минатата недела се разболела судијката што требаше да го суди Зоран Заев за „Поткуп“. Кога пак, во Кривичниот суд се појави Катица Јанева да го земе компјутерот на поранешниот претседател Владимир Панчевски за да му го провери АКМИС-от, во судот дојде и екипа на Брзата помош, оти пак некому му се слошило.

Сѐ нешто им се слошува на судиите. Ги префатил некој вирус од АКМИС-от што тешко се истребува. Фатиле некој грујовитис и цело време меѓу себе си го пренесуваат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира